Собраниско раководство



 

ДИМИТАР НЕСТОРОВ

 

 

 

 
 
Роден е во Струга на 10 јуни 1890 година. Основно образование завршува во својот роден град, а класична машка гимназија во Битола, во 1909 година. Една година потоа работи како учител во Струга, по што заминува во Женева, Швајцарија, каде што студира медицина.

Исполнет со напредни и револуционерни идеи, уште во раната младост бил вклучен во напредното студентско движење во Женева и е еден од главните организатори на движењето за слободна Македонија. Неговото досие бележи дека бил автор на текстот на Меморандумот што е изгласан на меѓународната конференција на Друштвото на народите што се одржува во Берлин во 1919 година, со кој пред целата европска јавност се афирмира барањето за признавање на македонската нација и држава.

Во Швајцарија Несторов со голем ентузијазам ја раководи активноста на студентската организација во која членувале многу Македонци што студирале во Женева, Цирих и Лозана. Основното мото на македонските студенти било „Македонија на Македонците“, „Слободна Македонија“, „Независна Македонија“...
     
По завршувањето на студиите 1921 година, Несторов се враќа во Струга, а потоа се вработува и живее во Битола. За кратко време, поради својот однос кон граѓаните станува мошне познат и најчесто наречуван „народен доктор“. Во 1924 година во Битола и во Битолско во голем замав е појавата на маларија и на други заразни болести за чие сузбивање голема заслуга имаат д-р Димитар Несторов и тимот млади лекари кои целосно и се посветуваат на медицинската работа за искоренување на заразата.
     
За време на окупацијата Несторов активно се вклучува во редовите на општонародното движење, а во неговиот дом бил основан и првиот Народноослободителен одбор, чиј потпретседател бил подоцна. Неговата политичка активност не можела да биде незабележана од окупаторските власти, па затоа набргу бил уапсен и интерниран во Бугарија на отслужување на казна.

Со д-р Вукашин Попадиќ и неговата сопруга Мирјам, заедно со д-р Дума и д-р Трифун Пановски, организирано дејствува на собирање санитетски материјал и друг вид помош за партизанските одреди кои штотуку без формирани. Во НОБ активно учествува во партизанската база во Демирхисарско.
     
Во 1944 година, во екот на подготовките за одржување на Првото заседание на АСНОМ, бил кооптиран првин за член, а на 30 декември истата година и за член на Президиумот на АСНОМ. Четири месеци подоцна,во април 1946 година е сојузен министер за здравство и тогаш ја презема иницијативата за основање Медицински факултет во Скопје.

По оставката на Методија Андонов - Ченто на функцијата претседател, на 15 март 1946 година, од 16 март до 30 декември истата година, д-р Насторов ја врши функцијата в.д. претседател на АСНОМ и функцијата сојузен министер за здравство.
      
Од 30 декември 1946 до 30 декември 1947 година претседател на Народното собрание е д-р Борис Спиров, а по неговото заминување од оваа должност, на 30 декември 1947 година функцијата претседател ја презема д-р Димитар Несторов, кој со голем успех ќе ја врши се до 3 јануари 1951 година.

Потоа Несторов работи како началник во Министерството за здравство, а потоа заминува во Битола, каде е управник на тамошната болница, станува повереник за народно здравје на Битолската околија, народен пратеник во Собранието и во Сојузното собрание на Југославија, а врши и други одговорни општествени должности.
     
Во 1945 година АВНОЈ го одликува со Орден за заслуги за народ од втор ред, а во 1961 година е одликуван со Орден на трудот со златен венец. Се пензионира во 1964 година. Почина на 7 февруари 1968 година.

Click