Собраниско раководство


МЕТОДИЈА АНДОНОВ - ЧЕНТО





 
Методија Андонов - Ченто потекнува од сиромашно селско семејство. Роден е на 17 август 1902 година во Прилеп. Уште како млад соработувал со помладите интелектуалци од градот и бил забележан уште тогаш како сепаратист и автономист кој го подбуцнувал народот и создавал несигурност кај кралската власт, поради што неколку месеци одлежал в затвор. Се залагал македонските деца да го учат македонскиот јазик и слободно да го зборуваат. По Србите, доаѓаат Бугарите кои го ставаат во концентрационен логор, каде што е задржан се до 1943 година. На 1 октомври 1943 година Ченто заминува во партизани.
     
По занимање бил трговец. Бил почитуван во градот поради својата чесност и патриотизмот што го искажувал. Како виден граѓанин бил вклучен во политичкиот живот на Прилеп. На изборите 1938 година, како самостоен кандидат на листата на опозицијата, добил најмногу гласови. Било оценето дека не бил избран за пратеник поради државната великосрпска манипулација со изборниот систем. Ченто бил еден од организаторите на Илинденските демонстрации во Прилеп (1939), за што бил затворен во Велика Кикинда. Уште во 1940 година се залагал за воведување на мајчиниот јазик во наставата во училиштата и пак бил затворен и интерниран во Баина Башта.
     
Бугарските окупаторски власти го интернирале во логорот „Чучулигово“, Петричко. По интернацијата, во октомври 1943 година преминал на слободна територија и се вклучил во Иницијативниот одбор за свикување на АСНОМ. Набргу потоа бил избран за претседател на Одборот.

На 2 август 1944 година, како учесник на Првото заседание на АСНОМ, е избран за претседател на Президиумот на ова највисоко државно тело на Демократска Федерална Македонија, која подоцна е именувана како Нардона Република Македонија. Како што е познато, токму на тоа заседание се донесени историските одлуки со кои е конституирана македонската држава. Бил и делегат и член на АВНОЈ.
     
За претседател на Президиумот Методија Андонов - Ченто бил избран и на Второто заседание на АСНОМ, на 29 и 30 декември 1944 година. Бил и прв претседател на Президиумот на Народното собрание на НРМ.
     
Со своите политички ставови Ченто се залагал за поголема самостојност на Републиката во однос на федералните органи. Истовремено го поставувал прашањето за обединување на Македонија. Таквите негови ставови дошле во судир со официјалната политика.

Во 1946 година бил исклучен од КПЈ и поднел оставка на сите функции. Бил обвинет за национализам - дека сакал отцепување на Народна Република Македонија од Демократска Федеративна Југославија и нејзино ставање под американски протекторат. Бил осуден на 11 години затвор, каде што останал до септември 1955 година. Починал во Прилеп на 24 јули 1957 година.
     
Рехабилитиран е во 1991 година, кога Македонија ја прогласува својата целосна самостојност, независност и сувереност.

Click