Собраниско раководство



 

СТАНКО МЛАДЕНОВСКИ

 

 

 


 
  
 
Младеновски, како профил и претставник на успешни раководители во стопанството на Република Македонија, пред да биде избран на функцијата претседател на Собранието на Република Македонија работеше во фабриката за заварени цевки и профили „11 Октомври“ во Куманово, каде што ја извршуваше должноста директор на погон. Станко Младеновски во периодот од 1965 до 1970 година работел во претпријатие за водостопанство како главен инженер. Две години пред да биде директор на погон за конфекционирање на производството, бил проектант. Во 1984 година бил именуван за генерален директор на работната организација „Искра“ од Куманово.
     
Младеновски е роден на 9 ноември 1937 година во с. Врачовце, Кумановско. Завршил Технички факултет, градежен оддел. Бил член на Советот за народна одбрана на Собранието на општината во периодот 1974 до 1981 година. Членувал во работните тела и во општествено-политичките организации во непосредното производство. Од 1967 до 1971 година бил член на Општинската конференција и на Општинскиот комитет на Сојузот на комунистите во Куманово; од 1974 до 1980 година бил секретср на Општинскиот комитет на СКМ, а потоа и претседател на Општинската конференција на СКМ.. Исто така, Младеновски бил член на Претседателството на ССРНМ од 1974 до 1981 година и член на Централниот комитет на Сојузот на комунистите на Македонија меѓу Седмиот и Осмиот конгрес.
     
Во Собранието на Република Македонија бил делегат во Одборот за развој и финансии и на Одборот за урбанизам и станбено-комунални прашања. Бил активен член и во Социјалистичкиот сојуз на работниот народ на Македонија како најмасовна општествено-политичка организација во тоа време.
     
За претседател на Собранието на Социјалистичка Република Македонија Станко Младеновски е избран на заедничката седница на трите собора на Собранието што се одржа на 25 април 1985 година, со едногодишен мандат. Неговиот избор беше извршен едногласно, со јавно гласање на делегатите. На таа конститутивна седница, покрај другото, се расправаше за остварувањето на уставната улога на соборите на здружениот труд и по анализата за некои актуелни прашања во функционирањето и финансирањето на месните заедници.
     
Произлегувајќи од непосредното производство, од здружениот труд, Станко Младеновски во работата на Собранието особено се залагаше за побрз развој на стопанството, за подобрување на нормативната активност на тој план и за усогласување на законските решенија. Мандатот претседател на Собранието на СР Македонија му престана на 28 април 1986 година.

Click