Собраниско раководство



 

ВИДОЕ СМИЛЕВСКИ - БАТО

 

 

 

 

 
Видое Смилевски - Бато повеќе од четири децении без прекин, сé до последниот здив, се наоѓаше на многу разновидни фронтови на кои им беше потребен на Револуцијата и Партијата. Како истакнат и доследен борец на нашето револуционерно движење - организатор на Партијата, раководител, државник, сестран општествен работник, секаде каде што се наоѓаше и дејствуваше го оставаше и го остави својот неизбришлив печат - втемелен во слободата на Социјалистичка Република Македонија. Бато имаше богато револуционерно искуство.
   
Роден е на 14 август 1915 година во с. Никифорово, кај Маврово, Гостиварско. Потекнува од печалбарско семејство и уште од најраните години ја почувствувал горчината на печалбарството, таа толку честа судбина на Македонецот во неговата битка за опстанок и гола животна егзистенција. Од најраните детски години работи во угостителскиот дуќан на татко му во Белград. Од тешко спечаленото, неговите издвојуваат за големата жед за знаење на својот Видое. Работејќи тој се школува: во Белград завршува основно образование, гимназија и државна трговска академија.

Студира и економија, но воените услови го попречуваат да ја надгради веќе здобиената наобразба. Неговата револуционерна активност до 1944 година се одвива, главно, во Белград и на подрачјето на Србија. Во јули таа година партиската задача го води Смилевски во неговата Македонија, која се подготвуваше во вриежот на вооруженото востание да го одржи историското заседание на АСНОМ. Како учесник на Првото заседание на АСНОМ со восхит ги доживува историските мигови на создавањето на слободната држава на македонскиот народ и на народностите во Македонија.

Тука со нов револуционерен елан ја продолжува својата дејност како секретар на Четвртиот областен комитет на КП на Македонија. Кооптиран е за член на ЦК на КПМ, а од октомври ја презема должноста - секретар на Првиот областен комитет на КП на Скопската област.
     
По извојуваната слобода, своето богато револуционерно искуство Смилевски несебично го става во служба на обновата и изградбата на разурнатата земја, го вградува во растежот на народната власт и социјалистичката револуција.
     
Покрај многуте должности што ги извршувал во КПМ/СКМ, постојано е избиран за член на ЦК на СКЈ од Петтиот до Осмиот конгрес, а член на Претседателството на ЦК на СКЈ е од 1969 година. Покрај другото бил претседател на Главниот одбор на Сојузот на здруженијата на борците од НОВ на Македонија и потпретседател на Главниот одбор на Сојузот на здруженијата на борците од НОВЈ.
     
Уште од самиот почеток е едн од втемелувачите на народната власт и континуирано работи врз нејзиното оспособување и јакнење. Во 1947 - 1950 година Видое Смилевски - Бато е потпретседател на Владата на НР Македонија, во 1950 - 1951 година е претседател на Президиумот на Народното собрание на НРМ, во 1952 - 1954 година е потпретседател на Владата на НРМ, а во наредните две години одново се враќа во Народното собрание и од 25 јуни 1963 до 12 мај 1967 година е претседател на Собранието на Република Македонија.

Во наредните години е претседател на Сојузниот собор на Сојузната скупштина, член на Советот на Федерацијата, пратеник во Соборот на народите во Сојузното собрание, претседател на Управниот одбор на Републичкиот фонд за кредитирање на побрзиот стопански развој на недоволно развиените краишта. Смртта го затекна на 8 септември 1979 година, кога ја извршуваше должноста претседател на Претседателството на СР Македонија и член на Претседателството на ЦК СКМ.
     
Одликуван е со Орденот народен херој, јунак на социјалистичкиот труд, а е носител и на Партизанска споменица 1941.

Click