Совети

Среда, 2 мај 2018 година

НАЦИОНАЛНИОТ СОВЕТ ЗА ЕВРОИНТЕГРАЦИИ  ГО РАЗГЛЕДА ИЗВЕШТАЈОТ НА ЕВРОПСКАТА КОМИСИЈА ЗА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА ЗА 2018

На Втората седница на Националниот совет за евроинтеграции, одржана на 27 април 2018 година беше разгледан Извештајот на Европската комисија за Република Македонија за 2018 година.

На седницата беше поканет и присуствуваше претседателот на Владата на Република Македонија г.Зоран Заев. На седницата беа поканети шефот на Делегацијата на Европската унија во Република Македонија, амбасадорите на земјите-членки на ЕУ во Република Македонија, и амбасадорите на земјите од процесот на проширување во Република Македонија, Комисијата за европски прашања, Комисијата за надворешна политика, Мешовитиот парламентарен комитет РМ-ЕУ, потпретседателите на Собранието на Република Македонија, координаторите на пратеничките групи во Собранието, претставници од Владата на Република Македонија, Секретаријатот за европски прашања, министерства, државни органи, универзитети, институти и голем број на граѓански организации.

Извештајот на Европската комисија за Република Македонија за 2018 година пред Националниот совет за евроинтеграции го презентираше г.Лукас Холуб, Шеф на политичкиот сектор во Делегација на Европската унија во Република Македонија. Од негова страна беа дадени следните препораки и сугестии: и покрај евидентираниот напредок во Извештајот, земјата треба да продолжи со реформите; напредокот не се препишува само на позицијата туку и на учеството на опозицијата во спроведување на реформите; Државната изборна комисија навремено да се формира, со мандат и ресурси за спроведување на задачите на непристрасен, професионален и транспарентен начин, како и да ја зголеми  довербата на граѓаните во институцијата;. Собранието треба дополнително да се изгради како форум за конструктивен политички  дијалог, да ја подобри законодавната функција со ограничување на донесувањето на закони по скратена постапка. Потребен  е функционален надзор над работата на Владата и зголемување на  капацитетите за следење на заштитата на човековите слободи и права. Во однос на граѓанското општество треба да се подобри законската и политичката рамка за финансирање и функционирање; да се гарантира професионалност во јавната администрација и почитување на принципите на транспарентност, заслуги и рамномерна застапеност; покрај Специјалното јавно обвинителство и другите институции на многу поактивен начин да водат борба против корупцијата, како и да се зголеми независноста на регулаторните тела со експерти и независен буџет. Се очекува подобра имплементација на законските решенија и подобра ефективност на спроведување на законите во борбата против корупцијата и  перењето пари. Г.Холуб покрена прашање кое бара сериозна дискусија и за кое постои интерес од граѓаните на ЕУ, и предложи во иднина да се дебатира и за придонесот на Република Македопнија кон ЕУ како нејзина идна земја-членка. Беше посочено дека Националниот совет за евроинтеграции е соодветното тело кое може да покрене дебата и да даде одговор по оваа исклучително важна тема за европските граѓани бидејќи многу од нив ќе гласаат на референдум за идното пристапување на Република Македонија кон ЕУ.

На седницата присуствуваше и свое обраќање имаше Н.Е. г. Иван Великов Петков, амбасадор на Република Бугарија во Република Македонија, во својство на претставник на земјата - актуелен претседавач со Советот на ЕУ.Амбасадорот Петков изрази задоволството од извештаите на Европската комисија за 2018 година за земјите од Западен Балкан при што оцени дека се основа за практична реализација на Бугарското претседателството, за приоритетите за земјите од Западен Балкан, со конкретни чекори  за забрзување на европската интеграција. Амбасадорот Петков ја поздрави безусловната препорака на Европската комисија до Советот за отпочнување на преговорите со Република Македонија и оцени дека овој успех за државата би бил невозможен без силните напори на Владата, Собранието и граѓанското општество. Беше изразено задоволство што Договорот за пријателство и добрососедство меѓу Македонија и Бугарија е нотиран во Извештајот на Европската комисија. 

Претседателот на Владата на Република Македонија г. Зоран Заев на почетокот од своето обраќање истакна дека добивањето на чистата препорака за почеток на пристапните преговори за членство во ЕУ е настан на кој се горди сите граѓани на Република Македонија. За сите граѓани на Република Македонија, за Владата, за Собранието,  препораката стигна како потврда за постигнатото и како силен мотив за следната тешка но достижна цел - одлука за почеток на преговорите на Република Македонија за членство во ЕУ, на Советот на министри во јуни годинава. Претседателот на Владата констатираше дека Република Македонија сега за разлика од  периодот каде се наоѓаше пред точно една година, заедно со мнозинската волја на граѓаните, застаната е зад определбата на едно современо општество за сите. Претседателот на Владата г.Заев нагласи дека намерата на Владата е во јуни годинава Република Македонија да добие датум за почеток на преговорите со ЕУ и истовремено најави во следните два месеци поенергично продолжување на реформските и политичките процеси. Врз основа на Извештајот на Европската комисија, утврдени се следните итни реформски процеси во нов План за реформската динамика до крајот на 2018 година, за што се информирани високите претставници на Европската унија. Претседателот на Владата г.Заев истакна дека во изминатите десет месеци не пропуштил прилика да ја повика опозицијата да биде дел од конструктивните политики на Владата при што потсети дека активното учество во институциите и политичките процеси создава амбиент за судир на политички аргументи и усовршување на  политиките што треба да се преземат во полза на сите граѓани на Македонија. Претседателот на Владата повика да се продолжи заедно со опозицијата и со поддршката на критичкото мислење на граѓанскиот сектор, да се работи заеднички и заедно да се носат одлуките за сите стратешки, граѓански, државни и национални интереси, вклучително и на обезбедување на широк граѓански и државен консензус во решавање на спорот со Грција.

Во обраќањето пред Советот, г.Бујар Османи Заменик на претседателот на Владата задолжен за европски прашања, нагласи дека Извештајот се однесува за 16 месеци и ја опфаќа работата на претходната и актуелната Влада. Истакна дека Извештајот по првпат дава споредба со земјите од регионот и можност за споредба на сработеното. Иако Македонија нема отворено ниту едно поглавје, додека некои земји имаат отворено 30 поглавја, сепак Република Македонија е прва во исполнувањето на економскиот дел и го дели првото/второто место со Црна Гора во политичкиот дел. Г. Бујар Османи позитивно го оцени учеството на опозицијата, како и во рамки на Националниот совет за европски интеграции, со кој раководи пратеник од опозицијата.Нагласи дека евроинтеграциите на Република Македонија се проект кој ја изразува апсолутната волја на граѓаните, со над 80% поддршка според анкетите, но исто така се должи и на сите политички партии, кои се посветени на процесот.

Претседателот на Националниот совет за евроинтеграции г. Никола Попоски укажа дека за сите ќе биде подобро доколку се применуваат европските стандарди, и посочи дека земјата треба да премине на примената на законите, а не само на нивно усогласување со европските стандарди, дијалогот да биде отворен и инклузивен, а не толку далеку од јавноста. Г. Поповски препорача до Владата да биде отворена за критика и да се насочи кон критичките делови од извештајот за да ги подобри деловите кои се посочени, како и да се подобри економијата. Според г.Попоски, во минатото СДСМ како опозиција правела политички опструкции, но земјата економски напредувала, сега постои ситуација ВМРО-ДПМНЕ како опозиција да не прави никакви опструкции а државата економски да назадува. Тоа што треба да обединува во Националниот совет е интересот на граѓаните за членство во ЕУ и во таа насока Попоски констатираше дека Република Македонија е многу искусен кандидат. Констатираше дека искреноста е она што државата го извлече како поука во изминатите години. Попоски укажа дека успехот не зависи од тоа колку добри пораки ќе се испорачаат кон ЕУ туку колку добри резулатати ќе се испорачаат на крајот од денот. Според Попоски, одлуката за отпочнување на преговорите е политичка и сите земји-членки и нивните даночни обврзници треба да бидат убедени дека преговорите со Република Македонија се добри за нив или во најмала рака дека не се штетни.

Беше потенцирано дека треба да се земат предвид сите досегашни препораки и истите да се спроведуваат, државата да се посвети на спроведувањето на законите, да постои вистински инклузивен и транспарентен дијалог во државата, не далеку од очите на јавноста, како и подготвеност за објективна критика. Претседателот на Советот г.Попоски укажа дека Европската комисија, интелегентно  дава препорака за отпочнување на преговори и најавува дека наредниот период ќе го анализира скринингот на поглавјата 23 и 24, кој во некоја форма беше присутен и во Пристапниот дијалог на високо ниво. 

Потпретседателот на Советот, г-ца Ивана Туфегџиќ во дискусијата потенцираше дека постои консензус помеѓу политичките чинители за евроинтеграциите на Република Македонија и во интерес на граѓаните. Според Туфегџиќ, Извештајот на Европската комисија за Република Македонија за 2018 година покажува дека постои созревање воопшто на политичката сцена во Република Македонија. Беше побарано од сите општествени чинители да имаат поголема одговорност во однос на тоа што го говорат во јавниот простор, сѐ со цел заеднички да придонесат во градење на поуспешна и подобра држава.

На  седницата на Националниот совет за евроинтеграции со свои дискусии, сугестии и препораки учествуваа: г-ѓа Лидија Димова директор на Националната агенција за европски програми и мобилност, г.Артан Груби претседател на Комисијата за европски прашања и член на Советот, г.Мартин Милошески од Националниот младински совет на Македонија, г.Насер Селмани од Здружението на новинарите на Македонија и член во Советот,  г-ѓа Тања Каракамишева професор на Правен Факултет "Јустинијан први" Скопје, г-ѓа Милева Ѓуровска од Европско движење во Република Македонија и г-ѓа Савка Тодоровска претставник од Граѓанска платформа на Македонија. 


 стенографски белешки           записник

Click