Совети

Вторник, 26 ноември 2019 година

НАЈАВЕНИОТ НОВ ПРИСТАП КОН ПРОШИРУВАЊЕТО НА ЕВРОПСКАТА УНИЈА - ИДЕИ И ПРЕДИЗВИЦИ

На денешната седница пред Националниот совет за евроинтеграции имаше обраќање Францускиот амбасадор г. Кристиан Тимоние, при што истакна дека за Француската Република европскиот проект ќе продолжи да се спроведува за целосно интегрирање на земјите од Западен Балкан во една реновирана Европска унија. Идејата на Франција е да се создаде нов функционален и побрз систем на интегрирање од претходниот, кој според предлогот ќе се постигне преку 4 принципи и 7 фази на пристапување. Како што е наведено во Нон-пејпер за реформирање на процесот на пристапување во ЕУ, обновениот пристап треба да се заснова на принципите на: постепено пристапување, строги услови, конкретни придобивки и реверзибилност. “Посакуваме процесот да заврши до крајот на јануари, што ќе овозможи да се трасира патот кон Загреб на подоверлив начин. За тоа ќе треба и новата Европска комисија да одговори на нашите желби, но исто така треба и државите членки да се покажат конструктивни” - изнесе во обраќањето амбасадорот Тимоние. Од државата се очекува да продолжи со спроведувањето на реформите во клучните области и да се покаже напредок во донесување на потребните закони особено законот за јавно обвинителство. 

На седницата на Советот, учествуваа и Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања г.Бујар Османи, членови на Комисијата за европски прашања, Комисијата за надворешна политика, Мешовитиот парламентарен комитет РМ-ЕУ, амбасадори на земји членки на ЕУ, претставници на државни институции и граѓански организации.

Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања, г.Бујар Османи истакна дека седницата на Националниот совет претставува вистинска платформа за дебата каде може да се направи пресек на севкупниот процес на европските интеграции по октомврискиот Самит на ЕУ. Според Османи, земјата се наоѓа пред нов предизвик и потребно е конструктивно да се пристапи на потребата на ЕУ за реформа на процесот на проширување. “Намерите се добри и чесни, очигледно е чувството дека бирократскиот процес на преговори не ги дава резултатите, но ние не се плашиме од реверзибилност на процесот.Политичките блокади беа причина за застој досега, така што техничките препреки ќе се надминат” истакна во обраќањето Османи. Вицепремиерот Османи нагласи дека заслугата за постигнатите резултати е на сите досегашни влади, и дека во рамки на иницијативата на Франција, треба како држава да дадеме што е можно поквалитетен придонес со цел во соодветно време да добиеме нова и квалитетна методологија. Вицепремиерот Османи истакна дека нема дилема дека државата во октомври беше подготвена да добие датум за преговори и токму од таму доаѓа разочарувањето. Транспонирани се 3.000 правни акти на ЕУ од вкупно 9.000 или 1/3 од усогласувањето, што ниту една друга држава не го постигнала тоа пред да ги започне преговорите. Сепак, нагласи дека “продолжуваме со реформите не заради ЕУ туку заради нас самите”. Ја повика опозицијата на конструктивност и до пролет да се донесе законот за јавното обвинителство за да се тргне и таа забелешка пред Самитот во Загреб следната година.

Претседателот на Националниот совет за евроинтеграции Никола Попоски оцени дека постојат две главни причини за недонесувањето на одлука за почеток на преговорите - првата е дека земјите-членки не сметаат дека ова прашање е многу критички важно за нив, и втората дека јавноста во земјите-членки не создаде притисок кон Европскиот совет за донесување на одлука. Според Попоски, промената на методологијата нема да им наштети на Македонија и Албанија, туку најмногу ќе се одрази на Србија и Црна Гора, кои веќе преговараат. Од сегашните барања на Франција сѐ може да се примени и со актуелната европска регулатива освен пристапот до структурните фондови. Попоски смета дека одлуката на ЕУ ќе зависи од три фактори: внатрешната политика во земјите-членки на ЕУ; односите меѓу членките во Унијата и позицијата на ЕУ во однос на светот. Според истата логика се и трите решенија како приоритетни за земјата: уредување на внатрешната политика; уредување на односите меѓу земјите односно градење на добрососедски односи, и вербата за државноста и мотивот за самостојно справување со внатрешните проблеми. Попоски укажа на потребата власта да го смени односот кон опозицијата и граѓанското општество и потребата за транспарентност во процесот. “Првиот чекор треба да биде ревидирање на пристапот за водење преговори од Македонија кон ЕУ, оној што го имаме во моментот е нетранспаретност, затворена седница на влада, да се донесе програма за тоа кој ќе ги води преговори, како и во кој правец тие ќе се одвиваат“, рече Попоски.

Потпретседателот на Националниот совет, г-ѓа Ивана Туфегџиќ смета дека нон-пејперот е прашање кое би требало повеќе да се дискутира во рамки на ЕУ, затоа што истиот е предлог на една земја-членка. Се согласува дека е потребна реформа на процесот на пристапување бидејќи истиот трае предолго и нема доволно механизми за ефективно мерење на евроинтегративните процеси. Оцени дека со недонесувањето на одлука на Европскиот совет се доведе во сериозно прашање кредибилитетот на ЕУ, а со тоа е доведена во прашање и европската преспектива на земјите од Западен Балкан. Размислувањата на претседателот на Франција, дали земјите од Западен Балкан треба да бидат земји-членки на Унијата или да им се понуди друга форма на партнерство со ЕУ, треба да се разјасни од страна на европските лидери. Туфегџиќ изрази негодување што постојат конфузни пораки од лидерите на ЕУ за иднината на земјите кандидати и негативно се одразуваат на расположението на граѓаните за европската перспектива. Беше упатено прашање до амбасадорот Тимоние - уште колку нови документи ќе добие Македонија додека 14 години чека датум за почеток на преговори. Очекувањата на  младите дека државата ќе стане членка на ЕУ најдоцна до 2025 година е базирано на дадената изјава на претседателот на Европската комисија Жан Клод Јункер.

Членот на Националниот совет г-ѓа Шпреса Хадри изрази задоволство што Нон пејперот е тема за дискусија на седница на Советот пред да биде усвоен од страна на ЕУ. Се надева дека ќе бидат земени во предвид и разгледани евентуалните забелешки за истиот. Со реафирмација на поддршката за европската перспектива на земјите од Западен Балкан покрај разочарувањето повторно се влева надеж јасно потврдувајќи дека главната цел на преговорите е полноправното членство во ЕУ засилено со нови критериуми.
Членот на Националниот совет г.Емил Димитриев смета дека документот ќе биде прифатен од страна на Европската комисија со оглед на тоа што е предложен од влијателна земја членка на ЕУ. Тоа може да помогне во подобрување на капацитетот и подготвеноста на нашата земја за отпочнување на преговорите со Европската унија. Главните поенти во документот на Франција се тоа што Европската унија ја задржува позицијата на отвореност што е многу важно за нашата земја и во документот не се предлага алтернатива на полноправно членство на земјите од Западен Балкан. Овие поенти ветуваат многу и даваат надеж, подобро да се подготви земјата во процесот на преговорите.

Пратеникот Бетиан Китев истакна дека предлогот на Франција го рехабилитираше процесот на проширување по недонесувањето на одлука на Европскиот совет и дава шанса за дополнително одржување на оптимизмот за ЕУ агендата на Македонија. Китев потсети дека Француската Република на 29 и 30 април годинава  промовираше  Стратегија за Западен Балкан која кореспондира со Берлинскиот процес и содржи 4 фундаменти: економски и социјален развој на земјите од Западен Балкан, подобра безбедност, реформи во правосудството и инвестиции во одбраната. Китев оцени дека постои судир на француските позиции и стравувањето на Франција дека со секое ново проширување се загрозува нејзината позиција во ЕУ. Убеден е дека односот кој го има Франција, за пристапниот процес да биде скалест и реверзибилен, е момент за кој треба да се изјаснат и останатите земји-членки, но треба да се размисли дали и тоа решение ќе биде одржливо на долг рок. 

Во завршниот говор, амбасадорот на Француската Република Кристиан Тимоние истакна дека проширувањето на ЕУ не е цел сама по себе, туку треба да се направи за да се зајакне Европа, но исто така да ги зајакне и земјите кои сакаат да се приклучат кон Унијата и да го дадат својот придонес кон посилна Европа. “Го разбираме нетрпението, и ќе помогнеме со нашето присуство. Во моментот преговараме за правните рамки и потпишувањето со Француската Агенција за развој” истакна амбасадорот Тимоние. Француското јавно мислење е европско, граѓаните бараат Европа која е способна да ги заштити внатре понекогаш од нелиберални појави, но и надвор од нелојална конкуренција. Намерата со новата методологија е да се постигне заеднички успех во проширувањето, а земјите кои пристапуваат да бидат доволно подготвени и компатибилни да го спроведуваат заедничкиот европски проект. 

 стенографски белешки    записник

Click