Совети

Вторник, 15 октомври 2019 година

ОЧЕКУВАЊАТА И ПЕРСПЕКТИВИТЕ ВО ПРОЦЕСОТ НА ПРИСТАПУВАЊЕ ВО ЕВРОПСКАТА УНИЈА 

Националниот совет за евроинтеграции на Шестата седница одржана на 14 октомври 2019 година расправаше за очекувањата и перспективите во процесот на пристапување во Европската унија. На седницата присуствуваа заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања, г. Бујар Османи, членови на Комисијата за европски прашања, Комисијата за надворешна политика, Мешовитиот парламентарен комитет РМ-ЕУ, граѓански организации, институции,  како и амбасадори на земји-членки на ЕУ во државата.

На седницата се обрати Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања, г.Бујар Османи кој истакна дека преговорите можат да започнат веднаш и дека сме подготвени за предизвикот кои го носат преговорите. Државата остварува исклучителни резултати на евроинтегративниот пат, нема отворени прашања со соседите и следствено на тоа очекува позитивна одлука од Унијата. После две децении во процесот на европска интеграција, државата конечно ќе премине во долго очекуваната фаза на преговори, која не е награда туку валоризација на се што е постигнато заеднички, особено реформите кои беа спроведени со консензус. Националниот совет за евроинтеграции не познава етнички и социјални разлики  и претставува единствена платформа која ги обединува сите и нѐ прави едногласни кон ЕУ. Во оваа насока г. Османи побара во Советот да се водат суштински дебати за евроинтегративниот процес и константно следење на процесот кој го води Владата од страна на Собранието.

Претседателот на Националниот совет за евроинтеграции г. Никола Попоски, во обраќањето укажа дека за добивањето на датум за отпочнување на преговорите одлучуваат 28 земји членки на Унијата кои мора да бидат убедени дека како општество се приближуваме кон европските стандарди. Државата ќе стане членка на ЕУ кога вистински ќе се приближиме до европските стандарди и дека тоа ќе биде главниот критериум по кој ќе се случуваат следните проширувања. Изборната реторика околу датумот за преговори од политичките чинители мора да се надмине бидејќи не носи суштински прогрес. Според Попоски власта не чувствува потреба да ја консултира опозицијата за преговарачката рамка. Убеден е дека ќе има почеток на преговори во 2020 година, со нови методи во преговорите и дека следи долг период на преговарање со Унијата. Главните оценки државата ќе ги добие во зависност од интензитетот на решавање на проблемите и нејзината самоиницијативност да ги приближи европските стандарди во македонското општество и нејзините граѓани.

Потпретседателот на Националниот совет, г-ѓа Ивана Туфегџиќ во обраќањето искажа оптимизам дека државата ќе добие датум за започнување на преговорите. Се укажа дека одлуката за евентуално одлагање на датумот ќе значи рушење на кредибилитетот на ЕУ кај граѓаните. Направени се сериозни жртви и големи чекори во име на евроинтеграциите. Побара Советот почесто да се состанува и да дебатира на посуштински теми имајќи го предвид консензуалното одлучување на Советот и неговиот инклузивен карактер.

Во дебатата на седницата учествуваа: г-ѓа Шпреса Хадри член на Советот, г. Бојан Маричиќ од Кабинетот на Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, г-ѓа Јагода Шахпаска, член на Комисијата за европски прашања и г-ѓа Лидија Димова, директор на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност. 

Членот на Советот г-ѓа Шпреса Хадри укажа дека државата ги исполни сите услови за почеток на преговорите. Потенцираше дека е потребно непристрасно судство и зајакната борба против организираниот криминал и корупција. Побара поддршка од сите политички партии за предлогот на ДУИ за спроведување на ветинг за судии и политичари. Апелираше на заедничка координирана работа на сите политички чинители во исполнување на  европските стандарди.

Членот на Советот г. Бојан Маричиќ ја посочи потребата од сплотеност и надминување на политичкиот дискурс со поголема одговорност на сите чинители во општеството, нагласуваќи ја и потребата од поинтензивна работа на сите нивоа. После состаноците за објаснувачки скрининг за поглавјата одржани во Брисел како подготовка за отпочнување на преговорите, имаме должност темите и политиките да ги разгледаме и имплементираме, независно по која методологија ќе се преговара. Во овој контекст Маричиќ истакна дека Националниот совет има голема улога. Беше изразена желба за одржување на почести тематски седници на Советот. 

Во дискусијата г-ѓа Лидија Димова директор на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност, ја поздрави седницата на Советот како симболичен чекор кон заедничка загриженост за моментот во кој се наоѓа државата. За лажните вести, обвинувањата, Димова изнесе дека не помагаат во правецот кон кој е насочена државата. Побара во Собранието да се одржи надзорна расправа како механизам за борба против корупцијата. Со цел да се достигне европската агенда, потребно е помирување на сите чинители во општеството кои треба да покажат политичка зрелост.

Членот на Комисијата за европски прашања г-ѓа Јагода Шахпаска во дискусијата истакна дека во изминатиот период се носеле многу тешки одлуки со голема политичка цена без сопствени калкулации, и изрази жалење за политичкиот јаз за кој е потребно време за помирување помеѓу македонскиот политички блок. Секоја земја според европската агенда има поединечно вреднување, но целта на сите треба да биде заеднички да се испорачаат европските вредности, притоа нагласувајќи ја улога на опозицијата. Шахпаска истакна дека одлуката за отпочнување на преговорите е прашање кое е важно за сите граѓани на државата,за регионот како и за стабилна Европска унија, посочувајќи дека е време за резултати од сработеното.

 стенографски белешки  

Click