Hidden render



Петок, 21 мај 2010 година

ОБРАЌАЊЕ НА АНТОНИО МИЛОШОСКИ, МИНИСТЕР ЗА НАДВОРЕШНИ РАБОТИ НА СЕСИЈА НА ПОСТОЈАНИОТ КОМИТЕТ НА ПАРЛАМЕНТАРНО СОБРАНИЕ НА СОВЕТОТ НА ЕВРОПА

Почитуван претседател Мевлут Чавушоглу,
Почитувани пратеници,
Членови на Секретаријатот,
Дами и господа,

Ми причинува големо задоволство да ви посакам добредојде во Скопје и да му се обратам на овој почитуван форум во својство на претседавач на Комитетот на министри на Советот на Европа. Претседавањето со најстарата политичка организација во Европа претставува голем предизвик за мене лично и за мојата земја. Постојат многу причини зошто е тоа предизвик, но јас нема да се осврнам на некои од нив кои се очигледни, но истовремено и единствени. Наместо тоа ќе се концентрирам на прашањата од интерес за организацијата.

Претседавањето со телото на Советот на Европа кое донесува одлуки секоја земја го добива на околу 23 до 24 години и тоа е одлична можност за промоција на надворешната политика. Во текот на шестмесечното претседавање до израз ќе дојде нашата видливост на меѓународната сцена, нешто што ни се случува за првпат. Ова е дополнителен стимул да делуваме одговорно и внимателно при претседавањето со Советот на министри.

Нашата земја е подготвена да раководи со Комитетот на министри водејќи сметка за интересите на земјите-членки, како и за интересите на организацијата во целина. Водевме сметка и за прашањата значајни за нашиот регион, со што се приклучивме кон заложбите за приближување на регионот до европските интеграции, нешто што не може да се постигне без ефективна и доследна имплементација на стандардите и принципите на Советот на Европа. Нашата решеност да ги промовираме добрососедските односи и да дадеме придонес кон европскиот развој на регионот е посилна од кога било досега.

Сосема сме свесни за фактот дека претседавањето може да отвори нови хоризонти за нас и дека може да ја потврди активната улога која имаме намера да ја имаме во наредните шест месеци. Се надевам дека ова искуство ќе помогне подобро да ја разбереме политичката реалност, истовремено создавајќи тесни врски со нови пријатели.

Исак Њутон рекол: Ако сум видел подалеку тоа е затоа што стоев на рамениците на џинови, а Советот на Европа бездруго е џин кој ја направи Европа демократска и обединета околу заеднички вредности.

Почитувани пратеници,
Дами и господа,

Приоритетите на Македонското претседателство беа избрани имајќи ги предвид нашите национални перспективи, но истовремено водејќи сметка и за пошироките итнереси на регионот и на органзиацијата во целина. Доследноста на претседавањата со Комитетот на министри е многу значајно прашање. Поради тоа нашите приоритети ќе осигурат логичен континуитет на активностите на Комитетот и ќе се фокусираат на: реформите на Европскиот суд на правда, осигурувајќи континуирана ефективност на Европската конвенција за човекови права, зајакнување на принципот на субсидијарност преку суштинско ингтегрирање на Конвенцијата во правните системи, со цел да се осигура нејзина директна примена, во склад со заложбите од процесот од Интерлакен; имплементација на стандардите и механизмите на родова еднаквост со акцент врз донесување на буџетите водејќи сметка за еднаквоста; борба против корупцијата; осигурување социјална кохезија; зајакнување на итнеркултурниот и меѓурелигискиот дијалог; интеграција на националните малцинства, вклучувајќи ги Ромите; и подобрување на застапеноста на младите во демократските и политичките процеси во Југоисточна Европа. Сите овие различни прашања се групирани околу три главни тематски приоритети, кои ни помагаат да ја пренесеме политичката порака на Македонското претседателство. Како што знаете тие тематски области се: 1) Зајанување на заштитата на човековите права; 2) Поттикнување на интеграција истовремено почитувајќи ги различностите и 3) Промоција на учеството на младите.

Потребата од потесна соработка и покохезивен пристап во поглед на заштитата на човековите права е поврзана со реформските процесс од Интерлакен, но и со реформскиот процес на нашата организација инициран од генералниот секретар Јагланд. Треба да ја заштитиме најзначајната институција во нашиот систем за заштита на човековите права и да го подобриме нејзиното функционирање, паралелно со мерките кои се преземаат во законодавствата и судските пракси во земјите-членки и во самиот Суд. Одлуките кои беа донесени на 12. сесија на Комитетот на министри ја потврдија нашата одлучност интензивно да работиме на имплементација на документите усвоени на конференцијата одржана во Интерлакен.

Нашиот придонес кон овој процес ќе биде организацијата на Конференција на македонското Министерство за правда што ќе се одржи во ноември 2010 година на значајна тема “Зајакнување на субсидијарноста: интегрирање на преседентното право на Судот во националните закони и практики”. Целта на конференцијата е да се усвојат заклучоци кои ќе бидат пренесени како конкретни пораки до Конференцијата на министерствата за правда на земјите-членки на Советот на Европа што ќе се одржи во Истанбул од 24 до 26 ноември 2010 година, за време на Турското претседателство.

Политичките реалности на нашиот континент постојано се менуваат и Европа утре може да не наликува на денешна Европа. Треба внимателно да ги следиме динамичните процеси и да бидеме подготвени за новите предизвици со кои ќе се соочи нашето општество во иднина. Треба да усвоиме подобри интегративни политики и да ги обединиме сите различности кои постојат во нашите земји. Утрешна Европа јас ја гледам како пообединета во своите различности, без оглед на тоа дали се тие од јазична, етничка или верска природа.

Една од целите на Советот на Европа, која произлегува од заложбите од Варшавскиот самит, е Европа да ја направиме поинклузивна, што не може да се замисли без интеграција на националните малцинства во европските општества. Интеграцијата на малцинствата подразбира создавање поинклузивни и покохезивни општества во кои поединците и групите ќе имаат можност подеднакво да учествуваат во своите општества. Македонското Министерство за надворешни работи ќе организира Конференција на тема “Зајакнување на кохезијата на европските општества: ефективно учество на припадниците на националните малцинства во процесот на донесување одлуки”, како значајно прашање за постигнување де факто интеграција.

Постојаниот комитет ќе го разгледа извештајот за родово буџетирање како средство за осигурување на здравјето на жената. Во тој контекст, дозволете да истакнам дека нашето претседателство ќе организира Семинар посветен на прашањето на родово буџетирање. Земјите-членки на Советот на Европа се согласуваат дека родовата еднаквост може да се имплементира во пракса ако политиките водат сметка за родовата еднаквост преку адекватно буџетирање, доколку во процесот на изготвувањето на буџетите тие се засновани врз родова анализа и ги интегрираат родовите аскети. Успешната родова еднаквост е поврзана со неопходната имплементација на политики за родова еднаквост и на стратегија за промоција на родовата еднаквост, вклучувајќи го и родовото буџетирање. Како една од првите земји од регионот која вклучува родова анализа како централен, клучен елемент во политиките и програмите на Секторите за социјални прашања, труд и финансии, бевме мотивирани да ставиме посебен акцент врз ова конкретно прашање кое е значајно за Комитетот на министри, но и за Парламентарното собрание.

Еден од приоритетите на Мекедонското претседателство е и промоцијата на учеството на младите во регионот на Југоисточна Европа и ова може да се смета како еден од придонесите на Советот на Европа кон одбележувањето на 2010 година како Меѓународна година на младите, како што беше прогласена од страна на Обединетите нации. Република  Македонија има намера да иницира процес чија цел е да се обезбеди организирана размена на мислења меѓу младите луѓе, што може да помогне за натамошно поттикнување на нивното учество во политичките процеси и демократските реформи во нивните земји.

Проактивното вклучување на младите во создавањето на иднината на регионот на Југоисточна Европа, засновано врз европските вредности и стандардите на Советот на Европа во областа на заштитата на човековите рпава, владеењето на правото и демократијата, ќе овозможи побрзо надминување на проблемите од далечното и од поновото минато на овој регион. Енергијата и ентузијазмот кој го носат младите во соработката со властите во поглед на прашања од нивен итнерес и од пошироко општествено значење се значајна инвестиција во креирањето политики, кои ќе ги одразуваат реалните состојби кои ги вклучуваат ставовите на младите и во креирањето политики кои овозможуваат адекватни решенија за нивните проблеми.

Македонското претседателство ќе се фокусира и врз зајакнувањето на соработката со другите меѓународни органзиации, особено со ЕУ, ОБСЕ и ОН. Во последните неколку години Советот на Европа оствари напредок во зајакнувањето на односите со другите европски институции и со меѓународните организации, почнувајќи од Европската унија, ОБСЕ и Обединетите нации. Со влегувањето во сила на Лисабонскиот договор и Повелбата за основните права се создадоа нови можности за натамошно зајакнување на партнерството на Советот на Европа и Европската унија базирано врз вредности. Тоа ја зголеми потребата од осигурување кохерентност меѓу стандардите на Советот на Европа и правото на Европската унија во областа на човековите права и основните слободи. Пристапувањето на Европската унија кон Конвенцијата за човековите права може да даде натамошен придонес кон создавањето на европската правна област.

Правните стандарди развиени од страна на Советот на Европа помогнаа Европа да се стабилизира и да се трансформира во заедница на демократии. Ова значајно остварување треба да се негува за новите генерации Европејци да имаат натамошна полза од тоа. Македонското претседателство ќе го олесни, во мерка во која тоа е можно, процесот на пристапување на Европската унија кон Европската конвенција за човековите права.

Почитувани пријатели,

Ние продолжуваме со нашите напори за зајкнување на соработката со Парламентарното собрание кое постојано нѐ потсетува дека Советот на Европа не е клуб на идеални демократии и дека нашата мисијата никогаш нема да биде завршена. Дозволете да потсетам дека постојат прашања кои постојано си ги поставуваме во рамки на организацијата: Што треба да биде организацијата? Дали и натаму ни треба Советот на Европа?

Одговорот можеби лежи во фактот дека парламентарците постојано нѐ потсетувааат дека човековите права, демократијата и владеењето на правото не се нешто што се постигнува одеднаш и што ќе трае вечно. Тоа треба повторно да се постигнува речиси секој ден. Ова се заложбите кои сите земји-членки, без оглед на тоа дали се големи или мали, стари или нови, ги прифатија како вредности и принципи на организацијата и кои на Европа и донесоа мир, демократија и просперитет.

Ви благодарам.

Click