Hidden render

Среда, 19 мај 2010 година

 Состаноци на Претседателскиот комитет, Бирото и Постојаниот комитет на Парламентарното собрание на Совет на Европа (ПС на СЕ) во Скопје
 
Во рамките на шестмесечното македонско претседателство со Советот на Европа во 2010 година, на 20 и 21 мај 2010 година, во Собранието на Република Македонија, Скопје, ќе се одржат состаноците на Претседателскиот комитет, Бирото и Постојаниот комитет на Парламентарното собрание на Совет на Европа (ПС на СЕ).

Овие состаноци, според досегашната пракса на Совет на Европа, вообичаено се реализираат во земјата која е претседавач со Комитетот на министрите на СЕ за тековната година. Состаноците на кои се разгледуваат тековни прашања од доменот на работа на ПС на СЕ, претставуваат и одлична можност за промоција на земјата преку парламентарната дипломатија, која добива на своето значење со самиот факт што на овие состаноци учествуваат највисоките претставници на Парламентарното собрание на Совет на Европа. 

Претседателскиот комитет го сочинуваат претседателот и потпретседателите (20) на ПС на СЕ, додека Бирото го сочинуваат претседателот, потпретседателите, шефовите на партиските групи (или нивните заменици), како и претседателите на комисиите на ПС на СЕ (или нивните заменици). Поголемите земји имаат постојано место во Бирото, додека помалите земји се менуваат на турнуси. Обврските на Бирото се разновидни: подготовка на дневниот ред на ПС на СЕ, насочување на документите до ресорните комисии, ажурирање на тековната и секојдневната работа, одржување на постојните релации со другите меѓународни организации и слично.

Постојаниот комитет, кој помеѓу две редовни сесии делува во име на ПС на СЕ, се состои од претседателот на ПС на СЕ, потпретседателите на Собранието, шефовите на партиските, шефовите на националните делегации и претседателите на комисиите. Постојаниот комитет вообичаено одржува состаноци двапати годишно, меѓу редовните сесии на ПС на СЕ, и делува во име на ПС на СЕ, кога тоа не заседава.

 

 

 

 

 

 


Click