Средби Собрание

Вторник, 17 ноември 2020 година, 15:30 часот

Обука од ИРИ за отворени и транспарентни процеси во Постојаната анкетна комисија на Собранието 

Меѓународниот републикански институт (ИРИ) во соработка со Партнерство за демократија на американскиот Конгрес ќе одржи прва обука која е дел од серија онлајн обуки за членовите на Постојаната анкетна комисија за заштита на слободите и правата на граѓанинот.  Обуката има за цел да придонесе за поголема вклученост и поголемо приоритизирање на Собранието на Република Северна Македонија во однос на слободите и правата на граѓаните преку зајакнување на улогата на својата Постојана анкетна комисија. Преку оваа соработка, ИРИ и Партнерството за демократија ќе споделат искуства и добри практики од Конгресот на САД кои ќе  ѝ помогнат на комисијата да развие силна агенда на работа, идентификување на приоритетите на комисијата и развивање на добра внатрешната соработка.   

Мандатот на Комисијата, е особено важен за системот на заштита на човековите права, бидејќи овозможува директен надзор и следење на состојбата со заштитата на човековите права од страна на пратениците, како претставници на граѓаните. Наодите на Комисијата се основа за покренување постапки за утврдување на одговорност на носителите на јавни функции доколку ги прекршиле човековите слободи и права.   

На обуката ќе се обратат Талат Џафери, Претседател на Собранието на Република Северна Македонија, Дерек Лајтен, извршен директор, Партнерство за демократија на американскиот Конгрес, Пол Мекарти, регионален директор на ИРИ за Европа, а Халил Снопче, Претседател на Постојаната анкетна комисија на почетокот ќе даде краток осврт и преглед на моменталното работење и состoјби во Постојаната анкетна комисија.  

Обуката ќе ја одржат Питер Роскам, поранешен конгресмен на САД и Валери Хајтсхусен, експертка за законодавни процеси во Службата за истражување при Конгресот. 

Планирани се уште две од серијата обуки со кои Меѓународниот републикански институт (ИРИ) во соработка со Партнерство за демократија на американскиот Конгрес има за цел да ја подржи Постојаната анкетна комисија во нејзините напори да се зајакне нејзината улога за следење на состојбата со заштитата на човековите права.    

Click