Средби Собрание

21-22 октомври 2021 година

Претседателите на парламенти на земјите членки на Советот на Европа на Самит во Атина

Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Талат Џафери ќе учествува на Конференција на претседатели на парламентите на земјите - членки на Советот на Европа, која на 21 и 22 октомври 2021 година се одржува во Атина, во организација на грчкиот парламент и Парламентарно собрание на Советот на Европа (ПССЕ).

На конференцијата се поканети и претседатели на парламентите на држави кои уживаат статус на набљудувачи или партнери за демократија со Парламентарното собрание на Советот на Европа, како и меѓународните парламентарни собранија. 

Според агендата, конференцијата ќе ја отворат претседателот на грчкиот парламент Константин Тасулас, претседателот на ПС на СЕ Рик Даемс и генералниот секретар на Советот на Европа, Марија Пејчиновиќ Буриќ.

Претседателите ќе дискутираат на три главни тематски области и тоа: „Демократиите соочени со здравствена криза Ковид-19: споделување искуства, патот напред“, „Животната средина сега“: националните парламенти и правото на здрава и одржлива животна средина“ и „Заедничката иднина на сите европски граѓани“. 

Овие конференции се одржуваат од 1975 година на секои две години, наизменично во Стразбур или во главниот град на земја - членка на Советот на Европа. На покана на грчкиот парламент, конференцијата оваа година се одржува во Атина, во време кога земјата ја прославува двестегодишнината од својата независност.



Click