ЕВРОПСКА УНИЈА

За Европската унија

Европската унија претставува единствена интеграција на суверени европски земји кои цврсто решиле да делат заедничка иднина и да здружуваат дел од својот национален суверенитет. Земјите членки на ЕУ дел од своите овластувања за донесување на одлуки им го делегираат на европските институции што ги имаат создадено за да можат одлуките за специфични работи од заеднички интерес да се донесуваат по демократски пат на ниво на Европа.

Терминот Европска унија во службена употреба е воведен со Договорот за Европска унија (Мастрихт во 1993 година), со кој се заменија трите правни интеграции на западноевропските држави: Европската економска заедница (EEC-European Economic Community), Европската заедница за јаглен и челик (ECSC - European Coal and Steel Community) и Европската заедница за атомска енергија (EUROATOM- European Atomic Energy Community).

Процесот на европската интеграција денес има влијание врз целиот континент, а тој е дел од светот кој брзо се менува и на кој му треба нова форма на стабилност.

Одржливиот развој, популациските трендови, економската динамичност, социјалната солидарност и одговорот на напредокот на науките се прашања кои не можат успешно да се решат на национално ниво.

Денес, првата декада на 21 век нуди посветла иднина, но исто така, ја соочува Европа со нови потешкотии и предизвици. Европската унија е отворена за секоја европска земја што ги исполнува демократските, политичките и економските критериуми за членство. Проширувањата ја зајакнаа демократијата, ја направија Европа побезбедна и го зголемија нејзиниот потенцијал за трговија и економски раст. Институциите на ЕУ ја докажаа својата вредност, но тие мораат да се прилагодат за да можат да се справат со проширувањето на Унијата и со сe поголемиот број задачи што таа треба да ги извршува. Секоја дефинитивна промена на сегашниот систем мора да обезбеди плуралитет и почитување на разликите кои се најскапоцената вредност на европските народи. Реформите мораат да се фокусираат  и на процесот на одлучување.

Од 1 јули 2013 година Европската унија има 28 земји членки и повеќе од 500 милиони жители.

Соработката на земјите членки се заснова на слободно движење на стоки, услуги, луѓе и капитал во рамките на ЕУ без ограничувања во вид на царини или други препреки. Со цел ова да функционира, ЕУ го создаде Внатрешниот пазар. Земјите членки на Унијата соработуваат и во други области: заштита на животната средина, земјоделството, борбата против организираниот криминал.

Шенген соработката истовремено се нарекува пасошка унија на ЕУ што значи дека земјите кои учествуваат во неа немаат пасошка контрола при преминување на границите во рамките на шенгенското подрачје. Државјани на една шенген земја немаат потреба за пасош при патување во други шенген земји, доволно е да носат национална лична карта. Шенгенските одредби, исто така, предвидуваат и поблиска соработка и координација меѓу граничните и царинските власти, органите надлежни за издавање визи, судовите и полициите на земјите членки. Еден од главните инструменти за постигнување на оваа соработка е Schengen Information System, што претставува опширна база на податоци која им овозможува на овие власти да разменуваат информации од целиот шенгенски простор.

Главниот предизвик е да се зачува мирот и безбедноста и надвор од границите на Европската унија. За да се соочи со овој предизвик ЕУ развива заедничка надворешна и безбедносна политика за да може да дејствува како сила на стабилност, соработка и разбирање во светски рамки. 

Околу половина од земјите членки на ЕУ учествуваат во Европската монетарна унија. Во тие земји се употребува зедничката валута евро. Другите земји членки или не учествуваат или не ги исполнуваат условите за влез во монетарната унија.

Една земја членка не смее да ги фаворизира сопствените производи и услуги. Мора да се овозможи купување и продажба на стоката под исти услови на целата територија на ЕУ. Поради тоа ЕУ има една заедничка царинска стапка и единствена трговска политика.

Целта на Заедничката земјоделска политика на ЕУ е да обезбедува конкурентно земјоделство и производство на здрава храна. Голем дел од Буџетот на ЕУ се троши за земјоделската политика.

Земјоделството, шумарството и руралниот развој се круцијални за искористување на земјиштето и за управување со природните ресурси во европските рурални области. Зајакнувањето на Европската развојна и рурална политика претставува приоритет на ЕУ.

ЕУ има заеднички правила за заштита и подобрување на животната средина заштита на здравјето на луѓето и правилно искористување на природните богатства.

Земјите членки на ЕУ соработуваат во борбата против интернационалниот организиран криминал. Постојат заеднички правила за борба против тероризмот, трговијата со дрога и детската порнографија. Во борбата против криминалот соработуваат царинските, полициските органи и јавните обвинителства на земјите членки на ЕУ.

Главната цел на заедничката имиграциона политика е да се подобри управувањето со миграцијата преку координиран пристап имајќи ја предвид економската и демографската состојба на ЕУ.

 

 

ИНСТИТУЦИИ НА ЕВРОПСКАТА УНИЈА

Европската унија претставува структура која не спаѓа во ниту една друга традиционална правна категорија. Од историска перспектива нејзиниот политички систем е единствен, истиот постојано се развива во период повеќе од 50 години. Земјите членки ја пренесуваат моќта на одлучување на заеднички креирани институции, донесените одлуки за чувствителни теми се резултат на заеднички интерес што ја зголемува демократијата на европско ниво. Регулативата и политиките се донесуваат од страна на "институционалниот триаголник" составен од: Европскиот парламент (ги претставува граѓаните), Советот (ги претставува националните влади)  и Европската Комисија (тело кое е независно од владите на ЕУ и ги поддржува колективните европски интереси). 

СОВЕТ НА ЕВРОПСКАТА УНИЈА

Советот на Европската унија (The Council of the European Union): усвојува законодавни акти (регулативи, директиви и др.) во постапка на коодлучување со Европскиот парламент; помага во координирање на политиките на земјите-членки; ја развива Заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ врз основа на стратешките насоки утврдени од Европскиот совет; склучува меѓународни спогодби во име на Унијата; заедно со Европскиот парламент го усвојува буџетот на ЕУ.

Седиштето на Советот е во Брисел каде се одржуваат средби неколку пати во месецот. Состаноците на Советот се одржуваат во Луксембург, во месеците април, јуни и октомври.

Советот е единствено тело кое се среќава во различни состави на кои присуствуваат министри од земјите-членки на ЕУ и европски комесари одговорни за одделни области. Во 1990-тите имаше 22 различни состави во рамките на Советот. Во јуни 2000 година бројот беше намален на 16 совети, а во јуни 2002 на 9 различни совети. По влегувањето во сила на Договорот од Лисабон, од 1 декември 2009 година постојат десет состави на Советот на ЕУ. Со состаноците на различните состави на Советот претседава релевантниот министер на земјата членка која го превзема ротирачкото претседателство со ЕУ.

Единствено Согласно Договорот од Лисабон, Советот за надворешни работи во чија работа учествуваат министрите за надворешни работи на земјите членки, има постојан претседател - Високиот претставник на ЕУ за надворешна и безбедносна политика.

Одлуките на Советот на ЕУ се донесуваат со квалификувано мнозинство, како општо правило. Квалификувано мнозинство се постигнува кога има мнозинство од земјите членки на ЕУ (понекогаш и 2/3) кои гласаат за предлогот или најмалку 255 гласа од вкупниот број, односно 345 гласови. Од 2014 година ќе биде воведен систем на "двојно мнозинство". За да биде прифатен одреден предлог ќе треба да се обезбедат два вида на мнозинство: мнозинство на земји (најмалку 15) и мнозинство на гласови од вкупното население на ЕУ (државите мора да претставуваат најмалку 65% од населението на ЕУ).

Целокупната работа на Советот се подготвуваа и координира од Комитетот на постојаните претставници КОРЕПЕР, составен од постојаните претставници на земјите-членки во Брисел и нивни помошници.


Претседателство со Советот на Европската унија

Сите земји членки на ЕУ се менуваат во претседавањето со Советот на ЕУ во период од шест месеци во кој претседателството одржува состаноци на ниво, предлага насоки и составува потребни компромиси кога треба Советот да донесе одлука. Заради одржување на континуитет на работата на Советот, шестмесечните претседателства заеднички и темелно соработуваат во групи од три тимови кои изготвуваат заедничка програма за работата на Советот за период од 18 месеци.

ЕВРОПСКИ СОВЕТ

Европскиот совет ги одредува генералните политички насоки и приоритети на Европската унија. Со стапувањето во сила на Лисабонскиот договор на 1 декември 2009 година, Европскиот совет стана една од седумте официјални институции на Унијата. Европскиот совет се состанува два пати во шест месеци, вообичаено во Брисел.

Актуелен претседател на Советот е Херман Ван Ромпуј. Мандатот на претседателот е две и пол години, со право на еден реизбор.

Согласно членот 15 од Договорот за Европската унија (прв дел од Лисабонскиот договор) Европскиот совет го обезбедува потребниот стимул за развој на Унијата и определува генерални политички насоки и приоритети. Советот нема законодавна функција.

Составен е од шефови на држави и претседатели на влади на земјите членки на ЕУ, а во неговата работа учествуваат и претседателиот на Европскиот совет, претседателот на Европската комисија, како и Високиот претставник на Унијата за надворешни работи и безбедносна политика.

Освен ако со договорите на ЕУ не  е предвидено поинаку, Европскиот совет одлуките ги донесува со консензус. Советот, во одредени случаи дел од одлуките ги донесува едногласно или со квалификувано мнозинство. Европскиот совет го избира својот претседател со квалификувано мнозинство.

Европскиот совет е формиран во 1974 година со цел да се воспостави неформален форум за дискусија меѓу шефовите на држави и претседатели на влади. Во 1992 година Советот стекна формален статус, со Договорот од Мастрихт беше дефинирана неговата функција - движечка сила на Унијата и определување на генерални политички насоки за нејзиниот развој.

ЕВРОПСКИ ПАРЛАМЕНТ

Европскиот парламент (European Parliament) е единствено директно избрано тело во Европската унија, една од главните институции на ЕУ за усвојување на законодавството, заедно со Советот. Работата на Европскиот парламент е важна бидејќи во многу области, одлуките за новите европски закони се донесуваат заеднички од Парламентот и Советот на министри кои ги претставуваат земјите-членки на Унијата.

Европскиот парламент има три важни улоги:

  • да води расправа и да ги усвојува европските закони,
  • да врши надзор над другите европски институции со цел да обезбеди дека работат демократски,
  • да расправа и да го усвојува буџетот на ЕУ, заедно со Советот.

Парламентот има активна улога во изготвувањето на законодавството, на пример во областа на заштитата на животната средина, слободното движење на работници, капитал, услуги и стоки, правата на потрошувачите, еднаквите можности, транспорт и др. Во повеќе области, како што е заштита на потрошувачи и животната средина Парламентот работи заедно со Советот, одлучува за содржината на европските закони и ги усвојува истите. Оваа постапка е позната како соодлучување.

Со Лисабонскиот договор, зголемен е опсегот на политиките во рамките на процесот на соодлучување, со што на Парламентот е дадена поголема моќ да влијае врз содржината на законодавството во различни области вклучително и енергетската политика, земјоделството, имиграцијата и фондовите на ЕУ. Парламентот, исто така мора да даде дозвола и за други важни одлуки како што е одобрување за пристапување во ЕУ на новите земји.

Парламетот има влијание врз другите европски институции на неколку начини: кога е именувана нова Европска комисија, 27 членови не може да ја превземат должноста без претходно одобрување од страна на Парламентот. Ако членовите на Европскиот парламент не одобрат предложен кандидат, може предлогот да се отфрли во целост. 

Парламентот врши контрола на Комисијата преку разгледување на нејзини извештаи како и со поставување на прашања до европските комесари. Во овој дел парламентарните комисии играат многу важна улога. Членовите на Парламентот  разгледуваат претставки од граѓани преку анкетни комисии. Европскиот парламент мора да даде мислење за темите од дневниот ред на самитите на Европскиот совет на кој се состануваат лидерите на европските држави.

Парламент го усвојува годишниот буџет на ЕУ, ја споделува оваа одговорност со Советот. Во Парламентот има посебна комисија за надзор над трошењето на буџетските средства. Парламентот секоја година донесува мислење како Европската комисија постапува со буџетот за претходната година.

Европскиот парламент е составен од 736 членови кои ги претставуваат граѓаните на ЕУ, се избираат на пет години од страна на гласачите со право на глас во 27 земји-членки на ЕУ. Членовите на Европскиот парламент формираат политички групи според политичката припадност, не според националност.

Седиштето на Европскиот парламент е во Брисел, Луксембург и Стразбур. Пленарните седници на  Парламентот се одржуваат во Стразбур и во Брисел, седниците на комитетите се одржуваат во Брисел. Во Луксембург се наоѓаат административните канцеларии на Генералниот секретаријат.

ЕВРОПСКА КОМИСИЈА

Европската комисија (The European Commission) е една од главните институции на Европската унија, претставува извршно тело на Унијата. Комисијата ги претставува и поддржува интересите на ЕУ во целина. Комисијата изготвува предлози за нови европски закони,  управува со активностите  за спроведување на политиките на ЕУ и трошењето на средствата од фондовите на ЕУ.

Надгледувањето и спроведувањето на политиките на ЕУ, Европската комисија го врши преку:

  • предлагање на ново законодавство до Европскиот парламент и  Советот,
  • управување со буџетот на ЕУ и распределбата на средствата,
  • примена на  правото на ЕУ, заедно со Судот на правдата на ЕУ и
  • претставување на ЕУ на меѓународно ниво.

Комисијата е составена од 27 комесари, по еден комесар од секоја земја-членка на ЕУ.  Секој европски комесар е назначен за одредена политика на ЕУ од страна на Претседателот на Комисијата кој се предлага од страна на Европскиот совет. Назначувањето на сите комесари, вклучително и претседателот на Комисијата е предмет на одобрување на Европскиот парламент кој има надлежност да ја распушти Комисијата.

Комисијата има право на иницијатива - предлага нови закони за заштита на интересите на ЕУ и нејзините граѓани. Комисијата е чувар на договорите - проверува дали секоја земја-членка правилно го применува правото на ЕУ.

Заедно со Советот и Парламентот, Комисијата ги одредува долгорочните приоритети и финансиската рамка за трошоците во ЕУ. Комисијата го составува годишниот буџет кој треба да биде одобрен од страна на Парламентот и Советот. Комисијата врши надзор на трошењето на фондовите на ЕУ, од страна на агенциите како и националните и регионални власти. Европскиот суд на ревизори го надгледува управувањето на Комисијата со буџетот на ЕУ. Комисијата исто така управува со средствата на политиките и програмите на ЕУ.

Комисијата настапува во меѓународните тела во интерес на земјите-членки на ЕУ и преговара за меѓународните договори за ЕУ.

Седиштето на Европската комисијата е во Брисел и Луксембург. Комисијата има свои канцеларии  во секоја земја-членка на ЕУ како и делегации во главните градови ширум светот.

СУД  НА ПРАВДАТА

 Судот на правдата на Европската унија (The Court of Justice of the European Union) е основан во 1952 година и неговата мисијата е да гарантира  почитување на правото при толкувањето и примена на Договорите.

Судот на правдата на ЕУ ја прегледува законитоста на актите на институциите на ЕУ, осигурува дека земјите-членки ги исполнуваат обврските од договорите и по барање на националните судови, го толкува правото на ЕУ.

Судот на правдата ја претставува судската власт на Европската унија. Во соработка со судовите на земјите-членки обезбедува единствена примена и толкување на правото на ЕУ. Судот го толкува правото на ЕУ со цел да се обезбеди негова еднаква примена во сите земји членки. Судот исто така ги решава правните спорови меѓу владите на ЕУ и институциите на Унијата. Поединци, компании или организации, исто така можат да покренат случаи пред Судот, доколку сметаат дека нивните права биле повредени од страна на некоја од институциите на ЕУ.

Седиштето на Судот на правдата на Европската унија е во Луксембург. Судот е составен од три судови: Суд на правдата, Првостепен суд (формиран во 1988) и Трибунал за јавна служба (формиран во 2004).

Судот на правдата го сочинуваат по еден судија од секоја земја-членка на ЕУ, а во работата на судот му помагаат и осум јавни правни застапници чија задача е да се презентираат мислења за случаи изнесени пред Судот. Секој судија и јавен правен застапник се назначуваат со мандат од шест години со можност за реизбор.

СУД  НА РЕВИЗОРИ

Европскиот суд на ревизори (The European Court of Auditors) со Договорот од Мастрихт е прифатен како институција на Европската унија за вршење на ревизија на финансиите во Унијата. Судот е основан на 22 јули 1975 година со седиште во Луксембург.

Европскиот суд на ревизори, како надворешен ревизор на ЕУ придонесува за подобрување на финансиско управување во Унијата и работи како независен заштитник на финансиските интереси на граѓаните на Унијата.

Судот разгледува дали финансиското работење е точно евидентирано и прикажано, дали е законски и правилно извршено и управувано да обезбеди економичност, ефикасност и ефективност.

Резултатите од работата на Судот се користат од страна на Европската комисија, Европскиот парламент, Советот и земјите-членки, со цел подобрување на финансиското управување со буџетот на Европската унија.

Судот ја унапредува одговорноста и транспарентноста, им помага на Европскиот парламент и Советот во контролата на спроведувањето на буџетот на ЕУ. Една од клучните задачи на Европскиот суд на ревизори е да презентира годишен извештај за претходната финансиска година до Европскиот парламент и Советот. Парламентот пред да донесе одлука дали да го одобри начинот на кој Комисијата постапува со буџетот темелно го разгледува годишниот извештај на Европскиот суд на ревизори.

Европскиот суд на ревизори има по еден член од секоја земја-членка на Унијата, назначен од Советот, со мандат од шест години. Членовите на Судот избираат претседател со мандат од три години.

Во случај кога ревизорите откриваат измама или нерегуларности ја информираат Европската канцеларија за спречување на измами.

Други тела сo значајна улога во ЕУ: 

Европски комитет за економски и социјални прашања  (European Economic and Social Committee) е основан во 1957 година со Договорот од Рим, претставува советодавно тело кое ги застапува работодавачите, трговските синдикати, фармерите, потрошувачите и други групи кои колективно го сочинуваат организираното граѓанско општество. Комитетот ги презентира нивните ставови и ги брани нивните интереси во политички дискусии во Комисијата, Советот и Европскиот парламент. Комитетот претставува мост меѓу Унијата и нејзините граѓани, промовирајќи поголема застапеност и учество на граѓаните и подемократско општество во Европа. Комитетот е составен дел од процесот на донесување на одлуки. Тој мора да биде консултиран пред да се донесат одлуки за економската и социјалната политика. Членовите на Комитетот се номинирани од владите на ЕУ, но работат под целосна политичка независност. Тие се назначени за период од четири години, со право на повторен избор. Комитетот се состанува во Пленарно собрание, а во подготовката на дискусиите учествуваат неговите поткомитети, секции. Комитетот избира претседател и потпретседател на секои две години.

Седиштето на Комитетот е во Брисел.

Комитет за регионите  (Committee on Regions)  е основан во 1994 година со Договорот на Европската унија. Комитетот е советодавно тело составено од претставници од регионалните и локалните власти на Европа, што ги предлагаат земјите членки, а ги именува Советот, со мандат од четири години. Членовите на Комитетот се номинирани од владите на ЕУ, но работат под целосна политичка независност. Комитетот за регионите назначува претседател од своите членови, за период од две години.

Улогата на Комитетот за регионите е да ги изнесува и предлага ставовите на локалните и регионалните власти во врска со законодавството на ЕУ, по пат на издавање на мислења за предлозите на Комисијата. Комитетот одржува пленарни сесии на годишно ниво, на кои се дефинира неговата генерална политика и се усвојуваат мислења. Членовите на Комитетот се поделени во шест посебни комисии од областа на територијалната кохезиска политика, економско-социјалната политика, оддржлив развој, култура и образование, уставни работи и европско управување и надворешни врски.

Седиштето на Комитетот е во Брисел

Европска централна банка  (European Central Bank) е одговорна за управување со еврото и монетарната политика на ЕУ. Задачите на Европската централна Банка се определени во Договорот со кој е основана Европската Заедница. Примарна цел на Банката е одржување на ценовната стабилност и поддршка на главните економски политики во Заедницата.

Целите на Унијата, според член 2 од Договорот за Европската унија се остварување на висока стапка на вработување и оддржлив раст.

Основни задачи на Банката се:

·   Дефинирање и имплементирање на монетарната политика во евро зоната;

·   Оддржување и управување со девизните резерви на земјите од еврозоната (portfolio management) и

·   Промоција на функционирањето на платежните системи.

Седиштето на Банката е во Франкфурт.

Европска инвестициска банка  (European Investment Bank) е основана во 1958 година со Договорот од Рим. Мисијата на Банката е да инвестира во проекти што ги промовираат целите на Унијата. Банката помага да се постигнат целите на Унијата преку финансирање на инвестициски проекти, за развој на помалку развиените региони во ЕУ и за подобрување на конкурентноста на малите бизниси. Избраните проекти се за поттикнување на евроинтеграцијата, балансиран развој, економско-социјалната кохезија и иновативната економија. Банката не е профитна и не остварува никакви средства од штедни влогови или од тековни сметки. Таа се финансира преку позајмици што се одвиваат на финансисите пазари и преку акционерите на Банката - земјите членки на ЕУ кои се заеднички сопственици на нејзиниот капитал, при што придонесот на секоја земја ја одразува нејзината економска моќ во Унијата.

Одлуките на Банката ги донесуваат Одборот на гувернери, Управниот одбор и Раководниот комитет.

Банката соработува со институциите на ЕУ, нејзини претставници можат да учествуваат во комитетите на Европскиот парламент, а претседателот на Банката може да присуствува на состаноците на Советот.

Седиштето на Банката е во Луксембург.

КЛУЧНИ ДАТУМИ НА ПРОЦЕСОТ НА ЕВРОПСКА ИНТЕГРАЦИЈА

09.05.1950 Францускиот министер за надворешни работи Роберт Шуман изнесува предлог за создавање на заедница на јаглен и челик меѓу Франција и Западна Германија, план базиран на првичната идеја на Жан Моне. Секоја година 9 мај се прославува како "Ден на Европа".

18.04.1951 Потпишување на Договорот за основање на Европска заедница за јаглен и челик (Париски договор). Договорот го потпишуваат Белгија, СР Германија, Франција, Италија, Луксембург и Холандија 

25.03.1957 Шестте земји во Рим ги потпишуваат договорите со кои се основаат Европската економска заедница (ЕЕЗ) и Европската заедница за атомска енергија (Евроатом). 

01.01.1958 Римските договори влегуваат во сила. Валтер Халштајн станува првиот претседател на Комисијата на ЕЕЗ, а Луис Арманд претседател на Европската заедница за атомска енергија.

21.07.1959 Седум земји членки на Организацијата за европска економска соработка: Данска, Обединетото Кралство, Австрија, Германија, Португалија, Шведска и Швајцарија донесуваат одлука за формирање на Европска зона на слободна трговија (ЕФТА). Договорот влегува во сила на 03.05.1960 година.

01.01.1961 Првото делумно усогласување на царинските стапки на земјите членки на ЕЕЗ со цел да се формира единствена надворешна царина.

08.04.1965 Потпишување на Спогодбата за спојување на извршните органи на трите Европски заедници: Европската Заедница на јаглен и челик, Европската економска заедница и Европската заедница за атомска енергија.

01.07.1967 Во сила влегува Спогодбата за спојување, склучена 8 април 1965 година. Жан Реј станува прв претседател на Комисијата за сите три заедници (ЕЗЧЈ, ЕЕЗ и Евроатом).

01.07.1968 Создавање на царинска унија и воведување на заедничка надворешна царина.

02.07.1970 Франко Л. Малфати станува претседател на Комисијата на Европската заедница.

21.03.1972 Се воведува т.н."монетарна змија": Советот и владите на земјите членки постигнуваат договор девизните курсеви на валутите на членките на ЕЗ да можат меѓусебно да отстапуваат најмногу до 2,5%.

22.03.1972 Сико Л. Мансхолт станува претседател на Комисијата на Европската заедница.

22.09.1972 Потпишување на Спогодбата за слободна трговија со другите земји членки на Европската зона на слободна трговија (Исланд, Австрија, Португалија, Шведска и Швајцарија).

19-20.10.1972 Претседателите на држави и на влади на проширената ЕЗ во Париз донесуваат одлука за прераснување на ЕЗ во Европска унија.

01.01.1973 Прво проширување на Заедницата. Данска, Ирска и Обединетото Кралство се придружуваат на Европските заедници.

06.01.1973 Франсоа Ксавиар Ортоли станува претседател на Комисијата на ЕЗ.

9-10.12.1974 Претседателите на држави и влади на ЕЗ во Париз донесуваат одлука во иднина редовно да заседаваат како Европски совет.

10-11.03.1975 Претседателите на држави и влади заседаваат во Даблин по прв пат како Европски совет.

20.12.1976 Рој Џенкинс станува претседател на Комисијата на ЕЗ.

6-7.07.1978 Европскиот совет на заседанието во Бремен донесува одлука за создавање на Европски монетарен систем (ЕМС) и Европска монетарна единица.

7-10.06.1979 Во девет земји членки на ЕЗ се одржани првите општи и непосредни избори за Европскиот парламент. Девет држави избираат 410 членови на Европскиот парламент.

17-20.07.1979 Се одржува првото заседание на непосредно избраните членови на Европскиот парламент во Стразбург. Симон Веил станува прва претседателка на ЕП.

01.01.1981 Грција пристапува како десетта земја членка на Европските заедници.

06.01.1981 Гастон Торн станува претседател на Комисијата на ЕЗ.

19.02.1982 Пиет Данкерт е избран за втор претседател на Европскиот парламент по воведувањето на изборите за ЕП.

17-19.06.1983 На заседанието одржано во Штудгард, Европскиот совет потпишува Свечена декларација за Европската унија.

14.02.1984 Европскиот парламент го усвојува нацрт-договорот за формирање на Европска унија изработен од Институционалниот одбор под раководство на Алтиеро Спинели. 

14-17.06.1984 Втори европски избори за Европскиот парламент. Десет држави избираат 434 членови на ЕП.

24.07.1984 Пјер Флимлан е избран за претседател на Европскиот парламент.

07.01.1985 Жак Делор е избран за претседател на Комисијата на ЕЗ.

2-3.12.1985 Европскиот совет во Луксембург постигнува спогодба за реформи во институционалниот систем, проширување на заедничките надлежности и создавање на правна рамка за соработка во областа на надворешната политика. Овие измени на договорот се утврдуваат во рамките на Единствениот европски акт (ЕЕА).

01.01.1986 Шпанија и Португалија се придружуваат на Европските заедници. Бројот на земјите членки на ЕЗ се зголемува на дванаесет.

17 и 28.2.1986 Дванасетте земји членки го потпишуваат Единствениот европски акт (ЕЕА).

20.01.1987 По извршеното гласање, Лорд Пламб станува претседател на ЕП, по што се воведени избори за Европскиот парламент.

01.07.1987 Единствениот европски акт влегува во сила.

15-18.06.1989 Трети европски избори за Европскиот парламент. Дванаесет држави избираат 518 членови на ЕП.

26.07.1989 За претседател на Европскиот парламент е избран Енрике Барон Креспо. 

03.10.1990 Со влегувањето во сила на државниот договор помеѓу СР Германија и Германската Демократска Република доаѓа до обединување на двете држави. Петте нови сојузни покраини на тој начин стануваат членки на Европската заедница.

25.06.1991 Шпанија и Португалија пристапуваат кон Шенгенската спогодба.

9-10.12.1991 Се одржува Самитот на Европскиот совет во Мастрихт. Претседателите на државите и владите на земјите членки на ЕУ постигнуваат спогодба за текстот на договорот за создавање на Европската унија (ЕУ).

13.01.1992 Избор на Егон Клепш за претседател на Европскиот парламент.

01.11.1993 Стапува во сила Договорот за Европска унија, потпишан во Мастрихт. Со овој договор се поставуваат темелите на заедничката надворешна и безбедносна политика, основите за поблиска соработка во областа на правдата и внатрешните работи и за создавање на економска и монетарна унија со единствена валута. Називот "Европска унија" службено го заменува дотогашниот  назив "Европска заедница".

9-12.06.1994 Четврти непосредни избори за Европскиот парламент. Дванаесет држави избираат 567 членови на ЕП.

19.07.1994 Клаус Хенш е избран за претседател на Европскиот парламент.

01.01.1995 Финска, Австрија и Шведска стануваат членки на ЕУ.

23.01.1995 Жак Сантер станува претседател на Комисијата на ЕЗ.

26.03.1995 Шенгенската спогодба влегува во сила. На границите меѓу Германија, државите на Бенелукс, Франција, Шпанија и Португалија се укинати пасошките контроли.

15-16.12.1995 На заседанието во Мадрид, Европскиот совет донесува одлука идната европска монета да се вика Евро.

19.12.1996 Данска, Шведска, Финска и не-членките на ЕУ, Норвешка и Исланд, пристапуваат кон Шенгенската спогодба.

14.01.1997 Хосе Марија Жил-Роблес е избран за претседател на Европскиот парламент.

16-17.06.1997 Шефовите на држави и влади на земјите членки на ЕУ го потпишуваат Договорот од Амстердам.

16.07.1997 Претседателот на Комисијата Жак Сантер, на Европскиот парламент му го претставува проектот Агенда 2000-Посилна и проширена Европска унија.

01.01.1999 Влегува во сила Економската и монетарната унија.

15.03.1999 Европската комисија под раководство на претседателот Жак Сантер поднесува колективна оставка.

24-26.03.1999 На Самитот во Берлин, Европскиот совет ја усвојува Агендата 2000.

01.05.1999 Стапува во сила Договорот од Амстердам.

03-04.06.1999  Европскиот совет го избира Хавиер Солана за Висок претставник на ЕУ за Заедничка надворешна и безбедносна политика.

10-13.06.1999 Се одржуваат петти директни избори за Европскиот парламент. Петнаесет држави избираат 626 претставници.

20.07.1999 Никол Фонтен станува претседател на Европскиот парламент.

30.7.1999 Дваесет и седум шефови на држави и влади на ЕУ, во Сараево формираат Пакт за стабилност за Југоисточна Европа. Бодо Хомбах станува негов координатор.

07.12.2000 Претседателите на Европскиот парламент, Советот на ЕУ и Европската комисија свечено ја прокламираат Повелбата на ЕУ за основните права.

07-11.12.2000 Европскиот совет го усвојува Договорот од Ница. Сеопфатните промени по прашањето за институционалните регулативи (пресметување на гласовите, мнозинско одлучување) треба да го подготват теренот за создавање на Европска унија со 27 земји членки. 

26.02.2001 Се потпишува Договорот од Ница.

01.01.2002 Еврото се воведува во 12 држави од ЕУ

15.01.2002 Пат Кокс е избран за претседател на Европскиот парламент.

01.02. 2003 Стапува во сила Договорот од Ница.

01.05.2004 Чешката Република, Естонија, Кипар, Летонија, Литванија, Унгарија, Малта, Полска, Словенија и Словачка се приклучуваат кон ЕУ. 

10 и 13.06.2004 Се одржуваат шестите директни избори за Европскиот парламент. 25 држави избираат 732 претставници.

20.07.2004 Јозеф Борел Фонтелес е избран за претседател на Европскиот парламент.

29.10.2004 Европскиот устав е усвоен во Рим (предмет на ратификација од страна на земјите членки на ЕУ).

22.11.2004 Хозе Мануел Баросо станува претседател на Европската комисија.

29 мај и 01 јуни 2005 Франција го одбива Уставот на референдум, а три дена подоцна и Холандија.

01.01.2007 Бугарија и Романија се приклучуваат кон ЕУ. Бројот на членови на Европскиот парламент се зголемува на 785.

Словенија го воведува еврото и е 13 држава на ЕУ која се приклучува кон еврозоната.

16.01.2007 Ханс Герт Потеринг е избран за претседател на Европскиот парламент.

13.12.2007 Шефовите на државите и претседателите на владите на 27 земји членки на ЕУ  го потпишуваат Лисабонскиот договор.

01.01.2008 Кипар и Малта го воведуваат еврото.

12.12. 2008 Швајцарија се приклучува на Шенген зоната.

01.01.2009 Словачка го воведува еврото.

4-7.06.2009 избори на членови на Европскиот парламент (2009-2014).

16.09.2009  Хозе Мануел Баросо повторно избран за претседател на Европската комисија.

01.12.2009  стапи во сила Лисабонскиот договор.

01.12.2009  Херман Ван Ромпуј избран за претседател на Европскиот совет.

01.01.2010 Шпанија го превзеде ротирачкото претседателство со Советот на ЕУ, по четврти пат. Шпанија беше првата држава која го превзеде претседателството после Договорот од Лисабон и новиот "систем на тројно претседателство".

07.05.2010 Шефовите на држави и влади во рамките на еврозоната се согласија за подлабока фискална консолидација, зајакната економска координација и надзор на буџетот со цел заштита на еврото.

17.06.2010 На состанокот на Европскиот совет во Брисел, европските лидери усвоија десетгодишна стратегија за паметен, одржлив и инклузивен раст - Европа 2020.

01.01.2011 Естонија го воведе еврото и стана 17-ти член на еврозоната. Започнаа да функционират три нови европски инстутуции за финансиска супервизија: Европска банкарска управа, Европски осигурителен и професионален пензински фонд и Европски орган за хартиии од вредност и пазари.

18.01.2011 Започна првиот Европски семестар со шестмесечен циклус на координација на економските политики помеѓу земјите-членки на ЕУ, со што ќе се помогне во превенцијата од економска криза, како таа од 2008- 2010.

17.01.2012 Членовите на Европскиот парламент го избраа Германскиот социјалист Мартин Шулц за претседател на Европскиот парламент.

02.03.2012 Европскиот совет го реизбра Херман Ван Ромпуј за претседател на  Европскиот совет.

01.04.2012 Европската граѓанска иницијатива стана реалност овозможувајќи на граѓаните за прв пат за специфични прашања да предложат законодавство до Европската комисија. Најмалку еден милион граѓани од најмалку една четвртина од земјите-членки на ЕУ може да ја поканат Европската комисија да достави предлог за донесување на одреден правен акти во областите каде што таа има надлежност.

08.10.2012 Стапи во сила Европскиот механизам за стабилност.Оваа институција со седиште во Луксембург има за цел да обезбедува финансиска стабилност во еврозоната.

10.12.2012 На церемонијата во Осло на Европската унија и беше доделена  Нобеловата награда за мир за 2012 година.

01.01.2013 Стапи во сила Договорот за стабилност, координација и управување со Економската и монетарна унија (познат како фискален договор).

01 јули 2013 Република Хрватска се придружи на Европската унија, со што вкупниот број на земји-членки на Унијата се искачи на 28. Во моментот Европската унија има 24 официјални јазици.

02.12.2013 Советот го усвои долгорочниот буџет на ЕУ за 2014-2020 (Повеќегодишна финансиска рамка). Преговорите траеа две и пол години, а новите програми се имплементираат од 01.01.2014 година.

01.01 2014 Латвија го воведе еврото и стана 18-от член на еврозоната.

22-25.05 2014 Се одржаа европските избори на кои беа избрани 751 пратеници кои ќе ги претставуваат интересите на повеќе од 500 милиони граѓани од 28 земји-членки на ЕУ.

01.07.2014 На конститутивната седница на Европскиот парламент, Мартин Шулц повторно беше избран за претседател на Европскиот парламент. 

15.07.2014 Европратениците за нов претседател на Европската комисија го избраа Жан Клод Јункер.

30.08.2014 За претседател на Европскиот совет е избран Доналд Туск, со мандат од 01.12.2014 до 31.05.2017.

22.10.2014 Европскиот парламент го избра новиот состав на Европската комисија, со мандат од 5 години, од 1 ноември 2014 до 31 октомври 2019. 

Проширување на Европската унија

Во 1951 година Белгија, Франција, Германија, Италија, Луксембург и Холандија ја основаа Европската заедница за јаглен и челик.

Проширувања на зeмјите-членки:

  • 1973 Данска, Ирска и Велика Британија;
  • 1981 Грција;
  • 1986 Португалија и Шпанија;
  • 1995 Австрија, Финска и Шведска;
  • 2004 Кипар, Чешка, Естонија, Унгарија, Латвија, Литванија, Малта, Полска, Словачка и Словенија;
  • 2007 Бугарија и Романија;
  • 01 јули 2013 Хрватска.

Претседателства со Советот на ЕУ

 

Земјите членки на ЕУ на 13 декември 2004 година постигнаа политички договор за одредбите кои се однесуваат на претседателството на Советот, вклучувајќи го и редоследот на претседателството за периодот 2007-2020.

 

Идните претседателства ќе се одвиваат во група од по три земји членки, како што е предвидено со новиот европски Устав, секоја група се состои од една голема и една мала земја членка и најмалку една нова земја членка.

 

ЕУ претседателствата ја координираат работата на Унијата.

 

 

Германија

јануари - јуни

2007

Португалија

јули-декември

2007

Словенија

јануари-јуни

2008

Франција

јули-декември

2008

Чешка Република

јануари-јуни

2009

Шведска

јули-декември

2009

Шпанија

јануари-јуни

2010

Белгија

јули-декември

2010

Унгарија

јануари-јуни

2011

Полска

јули-декември

2011

Данска

јануари-јуни

2012

Кипар

јули-декември

2012

Ирска

јануари-јуни

2013

Литванија

јули-декември

2013

Грција

јануари-јуни

2014

Италија

јули-декември

2014

Латвија

јануари-јуни

2015

Луксембург

јули-декември

2015

Холандија

јануари-јуни

2016

Словачка

јули-декември

2016

Малта

јануари-јуни

2017

Естонија

јули-декември

2017

Бугарија

јануари-јуни

2018

Австрија

јули-декември

2018

Романија

јануари-јуни

2019

Финска

јули-декември

2019

Хрватска

јануари-јуни

2020

Германија јули-декември 2020

 

 
Новиот мандат на Европскиот парламент 2009-2014

Click