Активности



Среда, 15 јули 2009 година

Деветнаесетта седница на Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците

Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците на Деветнаесеттата седница, одржана на 14 јули 2009 година, како матично работно тело ги разгледа Предлог-законот за Собранието на Република Македонија (прво читање) и Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за финансирање на политичките партии (прво читање).

Потребата од донесување на Предлог-законот за Собранието на Република Македонија ја образложи претставникот на предлагачите на законот, пратеникот Тахир Хани. Тој истакна дека Предогот на законот произлегува од дебатата која триесет пратеници на Собранието на Република Македонија ја имале на конференцијата во Вилтон Парк во Велика Британија. Тој образложи дека со овој Предлог на закон се очекува да напредува капацитетот на Собранието и неговата законодавна улога преку уредување на одредени начела и правила во рамките на политичкиот систем. Пратеникот Тахир Хани ги објасни одредбите на Предлогот на законот кои се однесуваат на буџетската автономија на Собранието,  надзорните расправи кои го контролираат начинот на донесување на законите, координативните средби за усогласување на работните тела на Собранието, работата на Собранискиот канал како и средбите со граѓани на пратениците.

Од страна на пратеничката група на СДСМ беше истакнато дека тие инсистираат паралелно со Предлогот на закон за Собранието на Република Македонија во собраниска процедура да бидат и Измени и дополнувања на Деловникот на Собранието.

Со донесување на овој закон би се зајакнала улогата на законодавната власт и би се воспоставила поголема контрола од страна на народните избраници врз донесувањето на законите и одредбите кои тие ги содржат како и на нивното применување.

Во однос на Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за финансирање на политичките партии образложение даде министерот за правда Михајло Маневски. Тој истакна дека Законот за финансирање на политичките партии е донесен во месец октомври 2004, а со измените и дополнувањата кои се предлагаат се врши надоградување на основниот закон со елементите кои што треба да бидат во функција на потранспарентно финансирање на политичките партии, извори на финансирање на политичките партии, систем на контроли, вклучување на донации и нивните  извори, механизми за објавување на извештаите и спроведување на активности како последица од извештаите и предвидување на  построги казни за прекршителите на законот.

При предлагањето на измените и дополнувањата на законот се тргнало од Препораките на групата Држави против корупција ГРЕКО кои укажаат на прашањата кои се уредени со овој закон. Новините во законот се однесуваат на намалувањето на висината на  донациите што може да ги даде физичко или правно лице на политичка партија, обврската која упатува на тоа, разликата меѓу дозволената и донираната вредност да се врати на донаторот како и обврската донацијата од непознато потекло да се префрли на Буџетот на Република Македонија. Новина претставува и обврската на политичките партии добиените донации да ги објавуваат на веб страните и во еден од дневните весници што го обезбедува начелото на транспарентност.

Врз основа на расправата Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците, со 6 гласа “ЗА“ констатира дека Предлог-законот за Собранието на Република Македонија е прифатлив и треба да се даде на натамошно читање,воедно комисијата едногласно констатираше и дека Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за финансирање на политички партии е прифатлив и треба да се даде на натамошно читање.

Click