Активности



Вторник, 28 јули 2009 година

Дваесет и прва седница на Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците

Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците на Дваесет и првата седница, одржана на 27 јули 2009 година, како матично работно тело ги разгледа:

  • Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за народниот правобранител (прво читање),
  • Предлог-законот за изменување и дополнување на Кривичниот законик (прво читање),
  • Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за медијација (прво читање), 
  • Предлог - закоотн за изменување и дополнување на Законот за спречување на судир на интереси (прво читање)
  • Предлог - законот за судски такси (прво читање).

Потребата од донесување на овие Предлог-закони ја образложи претставникот на Владата, министерот за правда Михајло Маневски.

Во однос на Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за народниот правобранител, министерот истакна дека со предложените измени и дополнувања на законот се инкорпорираат одредбите кои се однесуваат на законот за ратификација на факултативниот протокол на конвенцијата против тортура и друг вид на сурово, нечовечко или понижувачко постапување или казнување, според кој народниот правобранител е востановен како национален превентивен механизам во однос на заштитата на правата на лицата лишени од слобода. Со апликацијата на овој протокол, народниот правобранител се дефинира како национален превентивен механизам за заштита на децата и на лицата чиешто движење им е ограничено.

Министерот истакна дека целта на донесувањето на измените и дополнувањата на Кривичниот законик е  да се обезбеди усогласување со меѓународните стандарди по повеќе прашања, надминување на постојните слабости, како и справување со корупцијата како појава која во Република Македонија се манифестира во повеќе облици.

Предложените измени и дополнувања на Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за медијација се со цел обезбедување на поефикасно вршење на медијацијата во разрешувањето на споровите меѓу граѓаните. Воедно, министерот за правда потенцираше дека предложените измени и дополнувања  на законот се во согласност со препораките на Советот на Европа, при што се користени искуствата на државите каде што медијацијата повеќе се применува во практиката.

Законот за спречување на судир на интереси е донесен во 2007 година и во овие две години во кои е во примена, се согледани определени прашања кои треба да бидат доуредени и доградени со намера за остварување на основната цел на Законот.
Министерот ги образложи членовите од законот одделно, истакнувајќи ги новините кои тој ги содржи, потенцирајќи ја изјавата за судир на интереси како и казните кои се предвидувват со овие измени и дополнувања. 

Во однос на последната точка на дневниот ред, Предлог-законот за судски такси, министерот Маневски истакна дека основна цел на овој Предлог на закон е олеснување на пристапот до правдата на граѓаните со намалување на судските такси. Исто така, тој истакна дека со овој Предлог на закон е предвидено воведување на мобилно плаќање на судските такси кои се со помала вредност откако ќе се потпише договор со мобилна компанија.

Врз основа на расправата, Комисијата за политички систем и односи со заедниците констатираше дека:

  • Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за народниот правобранител (прво читање),
  • Предлог-законот за изменување и дополнување на Кривичниот законик (прво читање),
  • Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за медијација (прво читање),
  • Предлог - законот за изменување и дополнување на Законот за спречување на судир на интереси (прво читање)
  • Предлог - законот за судски такси (прво читање).

се прифатливи и треба да се дадат на понатамошно читање.

Click