Активности



Среда, 29 јули 2009 година

Дваесет и прва седница на Комисијата за транспорт, врски и екологија

Комисијата за транспорт, врски и екологија на Дваесет и првата седница, одржана на 28 јули 2009 година, како матично работно тело ги претресе Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за превоз во патниот сообраќај (прво читање), Предлогот на закон за изменување на Законот за јавните патишта (прво читање) и Предлогот на закон за електронско управување (второ читање).

На седницата на Комисијата во својство на претставник на Владата на Република Македонија присуствуваше г-дин Горан Михајловски, заменик на министерот за транспорт и врски, кој ги изнесе основните причини поради кои се предлагаат овие закони.

Во однос на Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за превоз во патниот сообраќај, заменик-министерот истакна дека со предложените законски измени ќе се овозможи целосно уредување на односите во областа на патниот сообраќај. Имено, се пропишуваат услови кои треба да ги исполнуваат правните и физичките лица за да можат да вршат превоз на патници и стока во патниот сообраќај, се регулираат правата и обврските на превозниците при извршувањето на одделни видови превоз, како во внатрешниот, така и во меѓународниот патен сообраќај. Покрај тоа, се предлагаат и соодветни прекршочни санкции за правните и физичките лица кои се целосно усогласени со Законот за прекршоците. 

Истовремено, со предложениот закон се обезбедува натамошно имплементирање на законодавството на Европската унија со кое се регулира оваа област, посебно во поглед на условите за добивање лиценца за вршење на одделни видови превоз.  

Претставникот на Владата, во своето образложение на Предлог-законот за изменување на Законот за јавните патишта, ги изнесе основните цели што ќе се постигнат со донесување на овој закон. Тој нагласи дека целта на решението што се предлага со Предлогот на законот е да се обезбеди наплатата на надоместоците за користење на патната инфраструктура во Република Македонија да биде во согласност со Законодавството на Европската Унија и Спогодбата за стабилизација и асоцијација, како и на тоа дека ќе нема дополнителни застои и задоцнувања на граничните премини.

Воедно беше потенцирано дека предложените измени на законот се во духот на усогласување на домашното со Европското законодавство и овие измени ќе допринесат поголем проток на возила на граничните премини.

Во врска со Предлогот на закон за електронско управување, во рокот утврден согласно  Деловникот на Собранието на Република Македонија, не беа поднесени амандмани од овластените предлагачи.

Врз основа на расправата, Комисијата за транспорт, врски и екологија оцени дека Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за превоз во патниот сообраќај (прво читање), Предлогот на закон за изменување на Законот за јавните патишта (прво читање) и Предлогот на закон за електронско управување (второ читање) се прифатливи и треба да се дадат на натамошно читање.

Click