Активности



Понеделник, 14 септември 2009 година

Дваесет и петта седница на Комисијата за економски прашања

Комисијата за економски прашања на Дваесет и петтата седница, одржана на 11 септември 2009 година, како заинтересирано работно тело го разгледа Предлогот за изменување и дополнување на Буџетот на Република Македонија за 2009 година.

Образложение на овој Предлог даде претставникот на предлагачот, заменик- министерот за финансии, г.Недим Рамизи. Тој истакна дека фискалната политика со Буџетот на Република Македонија за 2009 беше дизајнирана во насока на фискално стимулирање на домашната економија со цел да се ублажат последиците од глобалната економска криза. Меѓутоа, во услови на продлабочување на економската криза во глобални рамки и нејзино рефлектирање врз македонската економија, фискалната политика се најде пред нови предизвици поврзани со постигнување на рамнотежа меѓу потребата за одредено фискално стимулирање на македонското стопанство од една и одржувањето на макроекономската стабилност и социјалната кохезија од друга страна.

Според заменик-министерот за финансии, основни причини за донесување на предложените измени и дополнувања на Буџетот на Република Македонија за 2009 година се:

  • остварените негативни движења на економскиот раст во првиот и вториот квартал од годината особено во индустриското производство;
  • реализацијата на вкупните приходи, особено на даночните под планираните приходи за овој период од годината и
  • натамошното намалување на планираните расходи со цел да се задржи планираниот буџетски дефицит од 2,8% од планираниот БДП за оваа година.

Со измените и дополнувањата на Буџетот на Република Македонија за 2009 година се предлага:

  • да се изврши ревидирање на приходната страна на планираните приходи и нивно намалување за 4.617 милиони денари, односно за 3,2% во однос на планираните проекции. Во овие рамки даночните приходи се ревидирани на пониско ниво за 4.441 милиони денари, односно за 5,7% при што најголемо е намалувањето кај ДДВ за 6,5%, персоналниот данок на доход за 2%, како и приходите по основ на царински и увозни давачки за 16,7%, пред се како последица на намалениот увоз и годишното намалување на пондерираната царинска стапка. За разлика од даночните приходи, социјалните придонеси до крајот на годината се очекува да остварат зголемена реализација за 2,4% пред се како ефект од интегрираната наплата на придонесите и ефектите од законските можности за отпис на каматите. Останатите приходи, неданочните и капиталните, се планирани на пониско ниво согласно нивната намалена реализација; 
  • на расходната страна да се изврши намалување на расходите за исплата на плати и надоместоци кај буџетските корисници и фондовите за 684 милиони денари или за 3%, кое заедно со претходното намалување од 4% претставува вкупно намалување од 7%. Предложеното намалување е резултат на ефектот од антикризните мерки за замрзнување на вработувањата освен согласно интеграционите процеси и Рамковниот договор;
  • да се изврши намалување на расходите за стоки и услуги за 113 милиони денари или за околу 1% што заедно со претходното намалување од 16% што претставува вкупно намалување од 17%, а согласно антикризните мерки за намалување на непродуктивнте трошоци со кои трошоците за патувања се намалени кај сите буџетски корисници за 50% во однос на преостанатите средства до крајот на годината. При тоа во оваа категорија на расходи значајно е дека се обезбедуваат дополнителни средства во износ од 180 милиони денари за набавка на таблети тамифлу и вакцини за грипот AX1H1;
  • социјалните трансфери да се проектираат на непроменето ниво што обезбедува навремена исплата на пензиите и нивно усогласување со 2% согласно законските решенија, како и навремена исплата на надоместоците за невработените лица, социјалните надоместоци и здравствените услуги;
  • во рамките на субвенциите и трансферите обезбедена е целосна реализација на субвенциите во земјоделието и програмата за рурален развој во износ од 70 мил. евра, како и редовна исплата на стипендиите на учениците и студентите;
  • трансферите до ЕЛС се планирани на исто ниво како претходно со вклучен ефект од зголемувањето на платите соглсно договорената спогодба со СОНК, а вработените во образованието и културата;
  • капиталните расходи се планирани на пониско ниво од 4.340 милиони денари или околу 18% во однос на планираните, пред се заради законското намалување од 30% кај оние расходи кои во првата половина од годината имаа пониска реализација и потребата за одложување на сите оние проекти кои имаат увозна компонента и забавена динамика. Во овие рамки одложена е набавката на автобуси, лабараториите во научните и високобразовните институции, средствата за изградба на Националната арена Филип II, средствата за Универзитетот за информатички технологии, каде заради адаптација на постоен објект направени се реални заштеди и иститот успешно ќе стартува оваа учебна година, одделни проекти во Министерството за информатичко општество, како и средствата од странско задолжување во Агенцијата за државни патишта како последица на потребните процедури за ефективноста на оваа кредитна линија и подготовка на проектите, додека другите проекти за реконструкција на 11-те регионални патишта се реализира согласно планираната динамика со финансиска поддршка од Светска банка и од сопствени средства. Во рамките на капиталните расходи до крајот на годината обезбедени се дополнителни 360 милиони денари за набавка на два противпожарни авиони и 60 милиони денари за набавка на противпожарни возила за потребите на Дирекцијата за заштита и спасување.

На крајот на своето излагање, претставникот на предлагачот наведе дека согласно предложените намалувања, фискалната политика до крајот на годината ќе се реализира во рамките на намалени приходи во износ од 138.459 милиони денари кои ќе ги финансираат расходите во износ од 149.594 милиони денари. Во рамките на вака ревидираните проекции буџетскиот дефицит е планиран во износ од 11.135 милиони денари, односно 2,8% од БДП, во кои е вклучен дефицитот на основниот буџет од 2,4%, дефицитот на Агенцијата за патишта од 0,3%, дефицитот од кредитните линии за одделни проекти во износ од 1%.

Финансирањето на планираниот буџетски дефицит и редовното сервисирање на обврските на внатрешниот и надворешниот долг ќе се обезбедат преку издавање на државни хартии од вредност во износ од 4.436 милиони денари, (што претставува помало задолжување за 1.564 милиони денари), кредитни линии од Светска банка во износ од 3.197 милиони денари, кредитни линии за одделни проекти во износ од 780 милиони денари, како и од еврообврзницата.

На Предлогот за изменување и дополнување на Буџетот на Република Македонија за 2009 година, Комисијата за економски прашања не поднесе амандмани.

По завршувањето на расправата, Комисијата со мнозинство гласови заклучи Предлогот за изменување и дополнување на Буџетот на Република Македонија за 2009 година да го проследи на натамошна постапка во Собранието на Република Македонија и извештајот од седницата да го достави до Комисијата за финансирање и буџет како матично работно тело.

Click