Активности



Среда, 23 септември 2009 година

Дваесет и седма седница на Комисијата за економски прашања

Комисијата за економски прашања на Дваесет и седмата седница, одржана на 22 септември 2009 година, како матично работно тело го разгледа Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за технолошки индустриски развојни зони (прво читање).

Образложение на Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за технолошки индустриски развојни зони даде претставникот на предлагачот - министерот за економија, г.Фатмир Бесими.

Тој истакна дека со Предлог-законот се врши доуредување на одредени одредби со Европското законодавство, пред сè усогласување на терминологија, допрецизирање на постапката за доделување на државна помош, обемот на истата и допрецизирање на одредбите кои се однесуваат на стекнување со статус на корисник на технолошките индустриски развојни зони, како и периодот од кој корисникот на зоната подлежи на даночните ослободувања и олеснувања, како и нивно прецизирање.

Измените и дополнувањето се во насока на усогласување со Законот за државна помош. Се предлагаат и измени поради допрецизирање на периодот на стекнување со статус на корисник на технолошката индустриска развојна зона, а тие измени се: допрецизирање на дефиницијата за поимот корисник на технолошката индустриска развојна зона, односно стекнување на статус на корисник на зоната, и тоа од моментот на склучување на договор за вршење дејност и добивање на решение за работа; подеднакво дефинирање на поимот мало претпријатие соодветно на дефиницијата за средно претпријатие и допрецизирање на поимот претпријатие со потешкотии.

Воедно, се воведува скала на размер во која може да се движи интензитетот на државната помош која може да се додели за почетните инвестициони проекти со оправдани трошоци над 50 милиони евра, начинот на нивна нотификација до Комисијата за заштита на конкуренцијата, условите под кои се определува интензитетот на помошта за тие проекти, како и допрецизирање на поволностите од кои е содржана регионалната помош, а кои се усогласени со Законот за државна помош и ЕУ законодавсто.

Интензитетот на помош може да изнесува:

-   100% од максималниот интензитет на регионална помош и тоа за делот на оправданите трошоци во висина до 50 милиони евра во денарска противредност;

-   50% од максималниот интензитет на регионална помош и тоа за делот на оправданите трошоци во висина од 50-100 милиони евра во денарска противредност и

-   34% од максималниот интензитет на регионална помош и тоа за делот на оправдани трошоци кои надминуваат 100 милиони евра во денарска противредност.

Во однос на давателите на државна помош, истите се должни секоја година, најдоцна до 28 февруари, на Агенцијата за странски инвестиции да доставуваат информации за доделената државна помош, за изминатата година.

Во предложените измени се прецизира моментот од кога почнуваат да се сметаат даночните ослободувања и олеснувања. Новина е ослободување од персонален данок на доход за период од 10 години, наместо 50% за 5 години. Оваа измена се воведува поради очекуваното позитивно влијание од аспект на промоција на инвестиционите можности и поволности кои ги нуди Република Македонија. Наместо %, се воведуваат зборовите процентни поени заради усогласување на начинот на пресметување на зголемениот интензитет на доделената помош за обуки. Измени се вршат во царинските ослободувања и олеснувања. Овие измени се воведуваат поради усогласување на Законот за технолошки индустриски развојни зони со барањата на Европската комисија во делот на прецизирање на поволностите од кои е содржана регионалната помош.

Агенцијата за странски инвестиции на Република Македонија го подготвува и потпишува договорот со кој се доделува државна помош во име на Владата на Република Македонија, како давател на државна помош.

Со оглед на тоа што Законот за просторно планирање подлежи на измени и дополнувања, потребна е една општа одредба која упатува дека основањето на зоната ќе се врши во согласност со одредбите на важечкиот Закон за просторно планирање.

Во расправата на Комисијата учествуваа претседателот Љубисав Иванов Ѕинго, членовите Марјанчо Николов и Аднан Јашари, како и министерот за економија Фатмир Бесими.

По завршувањето на расправата, Комисијата со мнозинство гласови заклучи дека Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за технолошки индустриски развојни зони е прифатлив и треба да се даде на натамошно читање.

Click