Активности



Четврток, 20 август 2009

Дваесет и седма седница на комисијата за европски прашања

Комисијата за европски прашања на седницата одржана на 19 август 2009 година во прво читање ги разгледа Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за метрологија и Предлог-законот за дополнување на Законот за данокот на додадена вредност.

Г-ѓа Нериме Џеладини од Министерството за економија ја образложи потребата од донесување на  Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за метрологија од аспект на неговата усогласеност со правото на Европската унија.

Во однос на Предлог-законот за дополнување на Законот за данокот на додадена вредност на седницата на Комисијата учествуваа г. Недим Рамизи, заменик-министер за финансии и г-ѓа Вера Казанкова, раководител на сектор  во Министерството за финансии на Република Македонија, кои  ја образложија потребата од донесување на законот од аспект на неговата усогласеност со правото на Европската унија. 

Во расправата учествуваа пратениците  Миле Пачемски и Панче Дамески.

Пратеникот Миле Пачемски повикувајќи се на Директивата 2006/112/ЕЕЗ на Советот од 28 ноември 2006 година за заедничкиот систем на данок на додадена вредност, според која  земјите-членки може да применуваат една или две повластени стапки праша каква е нејзината примена во државите-членки на Европската унија.

Пратеникот Панче Дамески, посочи дека со примената на повластена стапка од 5% на водата за наводнување на земјоделските површини не значи дека ќе се намалат и приходите во Буџетот на Република Македонија, бидејќи   повластената стапка може да биде стимуланс за зголемување на наводнуваните површини, а со тоа и поголеми буџетски приходи.

Во врска со изнесените забелешки се истакна дека во државите-членки на ЕУ се практикува применување на една повластена стапка од 5% и една од 8%.

Комисијата едногласно му предлага на Собранието дека  Предлог-законот за  дополнување на Законот за данокот на додадена вредност и Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за метрологија се прифатливи и треба да се дадат на натамошно читање од аспект на неговата усогласеност со правото на ЕУ.

Click