Активности



Четврток, 9 јули 2009 година

Дваесет и седма седница на Комисијата за финансирање и буџет

На 3 јули 2009 година, Комисијата за финансирање и буџет на Собранието на Република Македонија ја одржа Дваесет и седмата седница, на која, меѓу другото, како матично работно тело го разгледа Годишниот извештај на Државниот завод за ревизија за 2008 година.

Во Извештајот се дадени сумираните резултати од извршените ревизии во 2008 година во најзначајните области од јавниот сектор (буџет и буџетски корисници, здравство, судскиот буџет, Фондот на ПИОМ  како посебна тематска ревизија, јавните претпријатија, единиците на локална самоуправа), како и резултатите од ревизиите на успешност, кои опфаќаат и повеќе субјекти во зависност од предметот на ревизија.

Согласно Законот за државната ревизија, до Собранието на Република Македонија се доставуваат сите поединечни извештаи кај кои се утврдени значајни нерегуларности, така што во 2008 година се доставени 76 поединечни извештаи од вкупно 187.

Врз основа на расправата, Комисијата едногласно заклучи да му предложи на Собранието да ги усвои следните Заклучоци:

  1. Собранието на Република Македонија го разгледа Годишниот извештај на Државниот завод за ревизија за 2008 година;
  2. Собранието на Република Македонија смета дека е потребно Владата на Република Македонија да преземе потребни мерки и активности за имплементирање на политиките и процедурите за стабилно финансиско управување, внатрешна ревизија и надзор над користењето на јавните средства кај субјектите од јавниот сектор;
  3. Собранието на Република Македонија оценува дека Владата на Република Македонија и надлежните органи треба да преземат потребни мерки и активности за создавање на сеопфатен, функционален информатички и информационен систем за евидентирање и ефикасно следење на прибирањето на вкупните приходи и приливи (даноци, царини, концесии, закупнини, продажба на движни и недвижни предмети, запленета стока и друго) на Централниот буџет на Република Македонија;
  4. Собранието на Република Македонија укажува дека Владата на Република Македонија треба да продолжи и да ги интензивира активностите за усогласување на законските и подзаконските прописи во кои според констатираните наоди на Државниот завод за ревизија  е утврдена колизија на законски прописи и системски слабости;
  5. Собранието на Република Македонија оценува дека е потребно Комисијата за финансирање и буџет во рамките на остварувањето на своите надлежности покрај Годишниот извештај на Државниот завод за ревизија, тековно да ги разгледува и ревизорските извештаи за субјектите на ревизија во кои се утврдени неправилности и да предлага мерки и активности во вид на заклучоци и препораки до надлежните тела за спроведување на препораките дадени во ревизорските извештаи;  
  6. Овие заклучоци заедно со Извештајот на Комисијата за финансирање и буџет да се достават до Владата на Република Македонија, Министерството за финансии и Државниот завод за ревизија.

Комисијата за финансирање и буџет го разгледа и Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за банките (второ читање). Со оглед на тоа што по овој Предлог-закон не беа поднесени амандмани, Комисијата едногласно заклучи дека не се исполнети условите за подготвување на Дополнет предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за банките.

На истата седница, Комисијата ги разгледа Амандманите на член 30 став (3) алинеја два и на член 35 став (1) и на член 59 по Предлогот на закон за изменување и дополнување на законот за јавна внатрешна финансиска контрола,  поднесени од пратеникот Илија Димовски, како и Амандманите на член 36 став (2) алинеја еден и на став 3 алинеја еден и на став (4) алинеја еден и за додавање на нов член 58-а по членот 58, поднесени од пратеничката група на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија. 

Комисијата  едногласно  ги усвои Амандманот на член 30 став (3) алинеја два, Амандманот на член 35 став (1) и Амандманот на член 59.

Со три гласа „за" и осум гласа „против" Комисијата не го усвои Амандманот на член 36 став (2) алинеја еден и на став 3 алинеја еден и став (4) алинеја еден, како и Амандманот за додавање на нов член 58-а по членот 58. 

Комисијата со седум гласа „за“ и три гласа „воздржан“ заклучи дека согласно член 155 од Деловникот на Собранието на Република Македонија се исполнети условите да се подготви Дополнет предлог на закон за јавна внатрешна финансиска контрола

Click