Активности

Четврток, 22 октомври 2009 година

Дваесет и деветта седница на Комисијата за економски прашања

Комисијата за економски прашања на Собранието на Република Македонија на Дваесет и деветтата седница, одржана на 20 октомври 2009 година, го разгледа Годишниот извештај на Европската комисија за напредокот на Република Македонија за 2009 година.

Воведен збор и свое излагање даде министерот за економија во Владата на Република Македонија, д-р Фатмир Бесими, кој истакна дека позитивно оценетиот Извештај претставува многу добар сигнал кој позитивно ќе влијае врз економската клима во земјата, евроатланските перспективи, реформите, привлекување на странски инвестиции, како и поттик и уште поголема обврска Република Македонија да се движи кон овие насоки со уште поинтензивна динамика. 

Во делот на обврските коишто произлегуваат од Извештајот, постојат триесет и три поглавја, во коишто Министерството за економија директно има координирано во седум поглавја, а исто така постојат и поглавја кои директно влијаат врз економскиот развој на земјата.  

Генералната оценка на Извештајот е дека во Република Македонија е постигнат значителен прогрес, но исто така има и укажувања во одделни сегменти да се спроведат поголеми активности. 

Министерот за економија даде објаснување во поглавјата од Извештајот каде е постигнат значителен напредок, а тоа се следните: постоењето на функционална пазарна економија, монетарната и курсната политика, фискалната политика, макроекономската стабилност, заемното дејствување на пазарните сили, пазарниот влез и излез, развојот на финансискиот сектор, капацитетот за справување со конкурентскиот притисок и пазарните сили во Унијата, претпријатијата, влијанието на државниот сектор врз конкурентноста, економската интеграција во Европската унија, слободното движење на стоки и капитал, Законот за трговски друштва, правата на индустриска сопственост, политиката на конкурентност, државната помош, либерализација на пазарот, финансиските услуги и други.

Во расправата учествуваа претседателот на Комисијата, Љубисав Иванов Ѕинго, членовите Марјанчо Николов и Јулијета Марку, како и претставници од други институции: Љубица Нури од Стопанската Комора на Република Македонија, проф.д-р Калина Треневска Благоева, редовен професор на Економскиот факултет при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје, проф.д-р Билјана Габер, редовен професор на Економскиот факултет при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј" во Скопје и Николајчо Николов, претставник од Рудникот Бучим Радовиш.

На крајот од расправата, Комисијата му предложи на Собранието на Република Македонија да го разгледа Извештајот од Европската комисија за напредокот на Република Македонија за 2009 година.
Click