Активности



Среда, 9 септември 2009 година

Дваесет и деветта седница на Комисијата за европски прашања

Комисијата за европски прашања, на дваесет и деветтата седница, одржана на 3 септември 2009 година, ја разгледа Информацијата за реализираните активности од Националната програма за усвојување на правото на Европската унија, ревизија 2009 година, за периодот 01.01.2009 - 30.06.2009 година. 

Во расправата учествуваа пратениците Петар Поп Арсов, Флора Кадри, Ермира Мехмети, Игор Ивановски, Владанка Авировиќ и Славица Грковска Лошкова. Во својство на претставник на Владата присуствуваше вице-премиерот задолжен за европски прашања, д-р Васко Наумовски.

Во своето обраќање, вице-премиерот посочи дека  Информацијата претставува збирен преглед на реализацијата на активностите од оваа Програма од првите шест месеци од годината, во која се содржи и придонесот  на Република Македонија кон Годишниот извештај на Европската комисија, којшто беше доставен до Европската комисија во почетокот на јуни.

Во Информацијата содржани се донесените закони, подзаконски акти, институционалното зајакнување, како и преземените активности, односно индикатори во однос на ефикасната имплементација на законодавството во делот на политичките критериуми, економските критериуми и 33-те поглавја, како и динамиката на превод на европското законодавство на македонски јазик.

Во однос на планираните закони од Националната програма, од вкупно предвидените 100 закони за 2009 година, 29 се усвоени, а 11 се во собраниска процедура, што претставува реализација од 40%, а заклучно со 30-ти јуни планиран бил 41 закон, од кои 22 се усвоени, а 10 се во собраниска процедура со една повисока реализација од 78%. Што се однесува на подзаконските акти, од планираните 472 правни прописи за 2009 година, донесени се 110 со реализација од 23%, а заклучно со 30-ти јуни се планирани 251, а донесени 93, што е реализација од 37%.

Реализирани се околу 65% од планираните вработувања и оваа статистика е заклучно со 31 август 2009 година, а поконкретно во делот на зајакнување на капацитетите поврзано со одредниците, реализацијата е 76% во однос на вработувањето.

Во делот на зајакнување на ИПА структурите, реализацијата е 36% односно од планираните 197 вработувања потребни за зајакнување на капацитетите за следење и реализација на програмите на ИПА, реализирани се 51, а 21 се во тек.

Вице-премиерот ја истакна и посветеноста на Владата на Република Македонија во процесот на Националната програма за усвојување на законодавството и после добивањето на есенскиот Извештај, како и во останатите области поврзани со европската интеграција, нема да застанат ниту на 14 октомври, без разлика на исходот од Извештајот што ќе го објави Европската комисија,  односно ќе се продолжи со натамошно прилагодување на законодавството и на целокупното општество кон стандардите на Европската унија.

Во таа насока, ќе продолжат сите активности предвидени со НПАА програмата, за што ќе следи информација за реализацијата, која што ќе биде испратена и до Комисијата за европски прашања на Собранието.

Претседателот на Комисијата, г.Петар Поп Арсов, потсети дека Владата на Република Македонија во 2007 година ја донесе Националната програма за усвојување на правото на ЕУ, по што следуваа годишни ревизии на оваа програма за 2008 и 2009 година, како проекции за она што треба да се сработи  во тековната година, при што редовно се вршеше ажурирање на  сработеното во насока на усогласување со препораките и забелешките на Европската комисија, по однос на остварениот напредок на земјата во процесот на пристапување кон ЕУ. 

Комисијата за европски прашања со седум гласа „за“  и два „воздржани“ ги усвои следните заклучоци:

  1. Комисијата ја разгледа и ја прифати Информацијата за реализираните активности од Националната програма за усвојување на правото на Европската унија, ревизија 2009 г., за периодот 01.01.2009-30.06.2009;
  2. Извештајот од расправата и Информацијата за реализираните активности од Националната програма за усвојување на правото на Европската унија, ревизија 2009 г., за периодот 01.01.2009-30.06.2009 да се достават до пратениците на Собранието на Република Македонија во електронска верзија за нивно информирање.
Click