Активности



Понеделник, 14 декември 2009 година

Триесет и прва седница на Комисијата за економски прашања

Комисијата за економски прашања на Собранието на Република Македонија на Триесет и првата седница, одржана на 10 декември 2009 година, како матично работно тело ги разгледа: Предлогот на Закон за изменување и дополнување на законот за минерални суровини (прво читање), Предлогот на Одлука за давање на согласност на утврдената стапка на надомест од вкупниот приход на друштвата кои вршат енергетска дејност за финансирање на работењето на Регулаторната комисија за енергетика на Република Македонија за 2010 година, во корегиран текст и Предлогот на финансискиот план на Регулаторната комисија за енергетика на Република Македонија за 2010 година, во корегиран текст.

Образложение на Предлог-законот за изменување и дополнување на законот за минерални суровини даде претставникот на предлагачот, заменик-министерот за економија, д-р Методиј Хаџи-Васков, кој истакна дека целта на изменување на Предлог-законот е допрецизирање на одредбите и подобрување на текстот на истиот.

Укажано е на шест клучни фактори:

  1. Во овој Предлог-закон се отвора можност за доделување на концесии за детални геолошки истражувања на минералните суровини. Постои согласност дадена од Владата на Република Македонија, а со тоа се отвора можноста за искористување на енергетските суровини;
  2. Со овој закон се нуди можност за проширување на експлотационото поле на минералните суровини и тоа 1/3 во делот на сите минерални суровини, освен водите и максимум 2/3 од постоечкото поле за минерални суровини чија што експлоатација се врши подземно;
  3. Се врши зголемување на улогата која што ја имаат општините, конкретно промена во начинот на распределбата на концесиските надоместоци. Со овој Предлог-закон се нуди менување на видот на концесискиот надоместок. Досегашната распределба во сооднос 60% наспроти 40% во корист на Буџетот на државата се предлага да се промени во насока општините да добиваат 78% од вкупните надоместоци по основ на концесија, а 22% од вкупниот износ на овие надоместоци  да одат во Буџетот, со тоа што од тие 22%, 4% да отпаднат за рекултивација на местото на кое што се извршува експлоатација на минералните суровини;
  4. Зголемената улога на ЕЛС во начинот на доделување на концесиите, значи дека покрај сите одговорни институции коишто ги даваат мислењата од своите надлежности за внесувањето на одредена иницијатива во програмата за детални геолошки истражувања, сега тој процес се дополнува со мислење од ЕЛС на чија што територија се поднесува таа иницијатива;
  5. Сопственикот на земјиштето на којшто е предвидено да се експлоатираат минерални суровини да има право првенствено искористување на истите, но само суровините како што се од видот на песок, чакал и глина;
  6. Подобрување на постоечката регулатива во делот на регулирањето на статусот на бањите и на сите производители на пакувања на вода коишто подолго време се занимаваат со експлоатација на геотермалните води во бањите и сл. Тоа значи давање на можност на овие економски субјекти да можат да добијат право на концесија за експлоатација со кое што право истите ќе бидат обврзани да плаќаат надоместоци согласно постоечката регулатива и тарифникот за минерални суровини. 

Претседателот на Комисијата, г. Љубисав Иванов Ѕинго, посочи дека Министерството за економија заедно со Владата на Република Македонија треба многу внимателно да ги разгледа овие измени и дополнувања кои што се предлагаат во овој Закон и дека треба да се земат в предвид забелешките дадени од стручните лица од областа на минералните суровини конкретно од Македонската асоцијација за рударство. 

По завршувањето на расправата, Комисијата со мнозинство гласови заклучи дека Предлогот на Закон за изменување и дополнување на законот за минерални суровини е прифатлив и треба да се даде на натамошно читање.

Во однос на Предлогот на Одлука за давање на согласност на утврдената стапка на надомест од вкупниот приход на друштвата кои вршат енергетска дејност за финансирање на работењето  на Регулаторната комисија за енергетика на Република Македонија за 2010 година, образложение даде г. Димитар Петров, претседател на Регулаторната комисија за енергетика на Република Македонија, кој присуствуваше во својство на претставник на предлагачот. 

Тој истакна дека се предвидува надоместокот за финансирањето на работењето на Регулаторната комисија за енергетика за 2010 година да изнесува 0,045% од вкупниот приход на енергетските компании кои што се занимаваат со енергетска дејност.

Врз основа на расправата, Комисијата за економски прашања со мнозинство гласови заклучи да му предложи на Собранието на Република Македонија да ја разгледа и да ја донесе одлуката за давање на согласност на утврдената стапка на надомест од вкупниот приход на друштвата кои вршат енергетска дејност за финансирање на работењето  на Регулаторната комисија за енергетика на Република Македонија за 2010 година, во корегиран текст.

Комисијата за економски прашања на истата седница го разгледа и го прифати Предлогот на финансискиот план на Регулаторната комисија за енергетика на Република Македонија за 2010 година, во корегиран текст.

Претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, кој даде образложение на овој Предлог, укажа дека во корегираниот текст на овој план се вградени забелешките содржани во мислењето на Владата на Република Македонија.

Комисијата со мнозинство гласови заклучи да му предложи на Собранието на Република Македонија да го усвои следниот заклучок:

  1. Собранието на Република Македонија го разгледа и го усвои Финансискиот план на Регулаторната комисија за енергетика за 2010 година.
  2. Овој заклучок заедно со извештајот на Комисијата за економски прашања да се достави до Регулаторната комисија за енергетика на Република Македонија и до Владата на Република Македонија.
Click