Активности



Вторник, 27 октомври 2009 година

Четириесетта седница на Комисијата за финансирање и буџет

Комисијата за финансирање и буџет на Собранието на Република Македонија на Четириесеттата седница одржана на 26 октомври 2009 година, ги разгледа Извештајот на Европската комисија за напредокот на Република Македонија за 2009 година и Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за приватизација и закуп на градежно земјиште во државна сопственост (прво читање). 

Воведно образложение по Предлог-законите даде заменикот на министерот за финансии, г.Недим Рамизи. 

Се изнесе мислење дека треба да се изрази задоволство за тоа што е добиен позитивен Извештај и дека за тоа заслуга имаат повеќе институции и се нагласи дека Република Македонија и по добивањето на овој Извештај продолжува со реформите околу исполнувањето на европските стандарди, како што е во делот на регионалната соработка. 

Неодамна се усвои Законот за ратификација на Договорот за физичка демаркација на границата помеѓу Република Македонија и Република Косово и многу брзо ќе се воспостават дипломатски односи, со што ќе се олесни економската соработка меѓу двете земји (отворање на нови пазари, размена на услуги и др.), односно продолжување со реформите околу исполнувањето на економските стандарди. Процесот на децентрализацијата треба да се заврши со цел единиците на локалната самоуправа да го зголемат фискалниот капацитет.

Врз основа на расправата, Комисијата едногласно ги усвои следните заклучоци:

  1. Комисијата го разгледа Извештајот на Европската комисија за напредокот на Република Македонија за 2009 година со посебен акцент на делот Постоење на функционална пазарна економија и поглавјата: Слободно движење на капиталот, Јавните набавки, Финансиските услуги, Оданочувањето, Економската и монетарната политика ,Царинската унија, Финансиската контрола и Финансиските и буџетските одредби.
  2. Комисијата за финансирање и буџет смета дека Европската комисија во Извештајот дава објективен и реален опис и оценки на состојбите во горенаведените поглавја.
  3. Комисијата за финансирање и буџет му предлага на Собранието да го разгледа Извештајот на Европската Комисија за напредокот на Република Македонија за 2009 година.

Во однос на Предлог- законот за изменување и дополнување на Законот за приватизација и закуп на градежно земјиште во државна сопственост, г. Недим Рамизи истакна дека основната цел на предложените измени на Законот е да се надминат состојбите кои го успоруваат процесот на приватизација на градежното земјиште и опфаќање на сите категории корисници на градежно земјиште чија приватизација не беше уредена со Законот. 

Се изнесе мислење дека со законски прописи кои што ќе следат, како и со реформа во катастарот која е во тек, ќе се решат многу работи коишто во овој момент претставуваат пречки за олеснување на процесот на приватизацијата на градежното земјиште.

Комисијата едногласно заклучи дека Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за приватизација и закуп на градежно земјиште во државна сопственост е прифатлив и може да се даде на натамошно читање.

Click