Активности



Четврток, 5 ноември 2009 година

Четириесет и прва седница на Комисијата за финансирање и буџет

Комисијата за финансирање и буџет на Четириесет и првата седница како матично работно тело го разгледа Амандманот на членот 3 на Предлогот на законот за изменување и дополнување на Законот за приватизација и закуп на градежно земјиште во државна сопственост, поднесен од пратеничката група на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија.

Амандманот го образложи пратеникот г.Марјанчо Николов, при што истакна дека градежното земјиште што е предмет на членот 6 став 1, не треба да биде изземено од приватизација.

Претставникот на предлагачот на законот, заменик-министерот за финансии, г.Недим Рамизи, не се согласи со поднесениот амандман.

Во претресот учествуваа пратениците Томе Чингоски, Јован Манасијевски и Марјанчо Николов.

Со два гласа „за", шест „против" и еден „воздржан", Комисијата не го усвои овој амандман.

На седницата на Комисијата беше изнесен предлог за поднесување на амандман со кој се предлагаше Владата на Република Македонија во Буџетот на Република Македонија за 2010 година да предвиди средства за обештетување на граѓаните кои го приватизирале градежното земјиште до денот на влегувањето во сила на овој закон. Овој предлог не го доби потребното  мнозинство.

Комисијата, со шест гласа „за " и три „против", заклучи дека согласно Деловникот на Собранието на Република Македонија  не се исполнети условите за подготвување на Дополнет предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за приватизација и закуп на градежно земјиште во државна сопственост.

 

Click