Активности



Петок, 11 декември 2009 година

Четириесет и втора седница на Комисијата за финансирање и буџет

Комисијата за финансирање и буџет, на Четириесет и втората седница, одржана на 24, 25, 30 ноември, 1, 2, 4, 7, 9 и 10 декември 2009 година, како матично работно тело го разгледа Предлогот на Буџетот на Република Македонија за 2010 година.

На седницата на Комисијата, присуствуваше министерот за финанси м-р Зоран Ставрески, кој даде воведно образложение по Предлогот на Буџетот. Тој  истакна дека основните параметри на Буџетот на Република Македонија за 2010 година во целост се сообразени со целите на макроекономската и фискалната политика.

Основната задача на фискалната политика и во 2010 година ќе биде осигурување на стабилност на јавните финансии, во услови кога сè уште ќе се чувствуваат последиците од глобалната економска криза. Притоа, Владата, преку умерено и контролирано ниво на буџетски  дефицит, ќе настојува во исто време да обезбеди стабилност во економијата, но и да продолжи со поддршката на стопанството. Тоа ќе биде изразено и преку приходната страна на Буџетот, каде не се предвидени зголемувања на даночните стапки, а се предвидени намалувања на стапките за социјални придонеси. На расходната страна на Буџетот се направени значајни подобрувања на квалитетот на буџетската структура со пораст на капиталните расходи за речиси 17%. Проекциите за основните макроекономски показатели за 2010 година се пораст на БДП од 2% и ниска стапка на инфлација од околу 2%.

Светската економска криза предизвика негативни движења во економската активност. Компаративните анализи покажуваат дека Република Македонија релативно подобро ја поднесе економската криза во однос на останатите земји во регионот. Падот на БДП од 1,2% за првата половина од 2009 година е речиси најнизок во Европа. Тоа е резултат на добрата поставеност на фискалната и монетарната политика и на спроведените реформи за подобрување на бизнис климата и трите пакети на антикризни мерки.

Одржувањето на макроекономската стабилност и континуираната поддршка на стопанството преку зголемување на капитални инвестиции, одржување на ниски даноци, намалување на социјалните придонеси и обезбедување на поволни кредитни линии од странство се основните карактеристики на Предлог-Буџетот за 2010 година.

Во расправата беа изнесени повеќе мислења, предлози, сугестии, забелешки и поставени прашања.

Во претресот учествуваа пратениците: Јован Манасијевски, Марјанчо Николов, Соња Ѓелова-Стојанова, Абедин Зумбери, Крсто Мукоски, Миле Андонов, Томе Чиноски, Весна Бендевска, Владанка Авировиќ, Борислав Стојменов, Јани Макрадули, Игор Ивановски , Горан Минчев,Никола Ќуркчиев, Славица Грковска Лошкова,Цветанка Иванова, Радмила Шеќеринска, Јулијета Марку, Цветко Грозданов, Никола Котевски, Менде Диневски, Сулејман Рушити, Флора Кадриу, Тахир Хани, Живко Пејковски,Маринела Тушева, Талат Џафери, Роза Топузова Кревска, Саве Савевски, Дарка Петрушевска, Стојче Крстевски, Силвана Бонева, Анета Стефановска, Илија Димовски, Оливера Трајановска, Горан Сугаревски, Дарко Димитриевски и Емилијан Станковиќ.

Комисијата со 6 гласа „за'' и 2 „против'' заклучи согласно член 180 од Деловникот на Собранието на Република Македонија дека е потребно Владата да подготви Дополнет предлог на  Буџетот на Република Македонија за 2010 година, кој претставува нов интегрален текст во кој ќе ги вгради амандманите со кој се согласил претставникот на Владата на седницата на Комисијата.

Click