Активности



Среда, 16 септември 2009 година, Стразбур

Актуелниот и поранешните претседатели на Европарламентот ѝ порачаа на Ирска да го поддржи Лисабонскиот договор

На иницијатива на актуелниот претседател на Европскиот парламент, г.Јержи Бузек, по повод неговиот говор на вториот ден од пленарната сесија на Европскиот парламент во Стразбур, присуствуваа осум поранешни претседатели на Европарламентот. Сите тие покренаа апел до граѓаните на Ирска да го поддржат Лисабонскиот договор на референдумот на 2 октомври.

„Сите поранешни претседатели се согласни за важноста на Лисабонскиот договор во подготовката на Европскиот парламент за справување со предизвиците на 21. век, вклучително и економската криза, климатските промени, имиграцијата и прекуграничниот криминал. Одлуката на Ирците ќе има последици врз сите нас во ова големо семејство на народите. Се надеваме дека ќе речат ‘да’, зашто верувам дека тоа е и во наш и во нивен интерес “, изјави г.Бузек.

Кандидатот за нов мандат на местото претседател на Европската комисија, г. Жозе Мануел Баросо, пред европратениците ги претстави своите политички насоки во пресрет на денешното гласање. Некои од политичките групи му изразија поддршка, а други пак побараа поконкретни дејствувања. 

Г.Баросо најави ревизија на директивата за работното време и вети дека ќе направи иницијатива за намалување на разликата во платите меѓу половите. Во однос на буџетот на ЕУ, г.Баросо предложи да се премине кон пристап врз основа на солидарност. Тој исто така вети промени во структурата на Комисијата, со назначување на комесари за правда, основни права и граѓански слободи, за внатрешни работи и миграција, како и за акција за климата, но и советник за научни истражувања и иновации.

Click