Активности



Четврток, 3 септември 2009 година

Жозе Мануел Баросо ги претстави политичките цели за вториот мандат како претседател на Европската комисија

Претседателот на Европската комисија, г-дин Жозе Мануел Баросо, до претседателот на Европскиот парламент ги испрати своите политички цели за вториот мандат на оваа позиција. Како основни приоритети тој ги наведува успешното надминување на економската криза, климатските промени, нови патишта за стабилен развој и старт на нова ера за глобална Европа.

„Имам страст за Европа. За мене, европскиот проект ја преминува својата економска димензија. Тој се темели на вредноста на мирот, слободата, правдата и солидарноста, а тоа мора да означува напредок на европскиот народ. Европската унија на своите граѓани им нуди права, заштита и можности на пазарот и надвор. Тоа помага да се зближи народот, користејќи ги културните разлики на Европа како моќен канал за комуникација. Принципите на слободно движење и еднаков третман на граѓаните на ЕУ, мораат да станат реалност во секојдневниот живот на луѓето“ – изјави г-дин Баросо. 

Првиот човек на Комисија вети дека ако повторно ја добие довербата, ќе ги удвои напорите за да направи сè што е возможно за да ја претвори визијата за амбициозна Европа во реалност.

Жозе Мануел Баросо е претседател на Европската комисија од 2004 година. По изборите на Европскиот парламент од 4 до 7 јуни годинава, Советот на Европа едногласно го номинира за нов петгодишен мандат. Се очекува неговата кандидатура да биде ставена на гласање во средината на овој месец.

Click