Активности



Четврток, 8 октомври 2009 година

Да се создаде подобра врска помеѓу Собранието на Република Македонија и медиумите

Вестминстер фондацијата за демократија и Високата школа за новинарство и за односи со јавноста организираа тркалезна маса на тема „Создавање подобра врска помеѓу Собранието на Република Македонија и медиумите преку отвореност и пристап до информации“.

На средбата присуствуваа Жанета Трајковска, Снежана Трпевска и Владимир Мисев од Високата школа за новинарство и за односи со јавноста, Емил Атанасовски од Вестминстер фондацијата за демократија, потпретседателот на Собранието на РМ, Рафиз Алити, Тодор Пендаров - претставник на Кабинетот на претседателот на Собранието на РМ, пратеници и македонски новинари.

 

Целта на тркалезната маса беше:

- да се промовира програмата и активностите на ВДФ и Собранието во делот на пристап до информации;

- да се продолжи со зајакнување на врската меѓу медиумите и Собранието преку промовирање на дијалог, отворена дискусија и партнерски пристап;

- да се идентификуваат оние делови во односите Собрание и медиумите каде има простор за прогрес и напредок.

Од Вестминстер фондацијата за демократија истакнаа дека целта на проектот е да се промовира евроатланската интеграција на Македонија преку помагање на практичните реформи кои се потребни за НАТО и ЕУ членство, како и да се зајакне капацитетот на политичките партии, собраниските комисии и собраниските службеници за поефективно работење на Собранието на РМ.

Високата школа за новинарство и за односи со јавноста, меѓу другото, како силна страна на парламентарното известување го потенцираше тоа што за активностите во Собранието известуваат голем број новинари и тие се една од најчестите теми во дневната агенда на медиумите, а како слаба страна беше забележано тоа што новинарите се изложени на различни облици на притисок од сопствениците, уредниците и политичарите, дека редакциите и уредниците немаат доволно разбирање за сложеноста и специфичноста на парламентарното известување, а сопствениците и компаниите имаат влијание врз уредувачката политика.

Како позитивно во работата на Собранието беше истакнато обновувањето на веб-страната, воведувањето на Е-парламентот, „Отворените денови на Собранието“, кои придонесуваат кон поголема транспарентност.

Беше укажано дека треба да се изработи елаборат за организацијата и функциите на идниот Центар за комуникации при Собранието и да се изработи Стратегија за комуникации на Собранието.

Во дебатата со пратениците, меѓу забелешките на новинарите беше и дека иако е формално отворено за медиумите, Собранието не им обезбедува доволно услови и ресурси за работа и дека се соочуваат со низа проблеми при добивањето изјави од пратениците. Од спротивната страна се коментарите дека во медиумите има многу сензационализам и контроверзни теми, а малку интерес за суштината на прашањата.

Сепак, заклучокот на присутните беше дека ваквите средби треба почесто да бидат организирани за да се чујат мислењата на двете страни со цел зајакне врската меѓу Собранието и медиумите.

Click