Активности



Среда, 15 јули 2009 година

Дваесет и осма седница на Комисијата за финансирање и буџет

Комисијата за финансирање и буџет на Собранието на Република Македонија на 14 јули 2009 година ја одржа Дваесет и осмата седница.

Комисијата како матично работно тело го разгледа Предлогот на закон за изменување на Законот за Управата за јавни приходи (прво читање).

Воведно образложение по поднесениот закон даде заменикот на министерот за финансии, г-дин Недим Рамизи. Тој истакна дека со предложените измени во Законот за Управата за јавни приходи се брише одредбата која се однесува на извршувањето на управно правните и другите стручни работи кои ги врши Управата за јавни приходи, како и овластувањата на даночните инспектори, а кои се однесуваат на акцизите. 

Комисијата со осум гласа „за“ и два „воздржани“ заклучи дека Предлогот на закон за изменување на законот за Управата за јавни приходи е прифатлив и може да се даде на натамошно читање.

На седницата Комисијата го разгледа и Предлогот на закон за Македонска банка за поддршка на развојот (прво читање).

Г-дин Рамизи истакна дека целта на предложениот закон е Македонската  банка за поддршка на развојот, како банка во државна сопственост, активно да се вклучи во реализација на мерките што се преземаат заради ублажување на последиците од глобалната финансиска криза и да се зголеми обемот и ефикасноста во користењето на средствата на Банката. Основни решенија предложени со овој закон се: давање можност на Македонската  банка за поддршка на развојот да врши директно кредитирање на трговските друштва основани во Република Македонија, одобрување кредити со субвенционирани каматни стапки, гарантирање на обврските на Македонската банка за поддршка на развојот од страна на Република Македонија и друго.

По изнесените забелешки беше предложено дека најдобро би било Владата да го повлече овој Предлог на закон од собраниска процедура и да направи неопходни измени на постојниот Закон за МБПР само во оној дел каде што е преземена обврска за реализација на кредитот од Европската инвестициона банка. Прифатливо би било и вградување на одредби за одобрување на кредити од страна на оваа банка со субвенционирани каматни стапки.

Со осум гласа „за", еден „против" и два „воздржани" Комисијата заклучи дека Предлогот на закон за Македонска банка за поддршка на развојот е прифатлив и може да се даде на натамошно читање.

Комисијата го разгледа и Предлогот на закон за изменување на Законот за даночна постапка  (прво читање).

Заменик-министерот за финансии истакна дека со измената  на Законот за даночна постапка се брише одредбата од Законот за даночна постапка кој се однесува на надлежноста на Управата за јавни приходи за водење на прекршочната постапка и за изрекување на прекршочни санкции за прекршоците пропишани со Законот за акцизите.  

Комисијата со осум гласа „за“ и два „воздржани“ заклучи дека Предлогот на закон за изменување  на Законот за даночна постапка е прифатлив и може да се даде на натамошно читање.

Комисијата за финансирање и буџет го разгледа и Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за Царинската управа (прво читање).

Г-дин Рамизи истакна дека со измените се прецизираат надлежностите на Царинската управа кои произлегуваат од спроведувањето на Законот за акцизите.

Комисијата со осум гласа „за“ и два гласа „воздржан“ заклучи дека Предлогот на закон за изменување и дополнување на законот Царинската управа е прифатлив и може да се даде на натамошно читање.

На истата седница беше разгледан уште Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за акцизите (прво читање).

Воведно образложение по поднесениот закон даде заменик-министерот за финансии, кој истакна дека предложените измени во Законот за акцизите се со цел да се обезбеди законска основа за пренесување на надлежностите за управување со акцизите од Управата за јавни приходи во Царинската управа на целата територија на Република Македонија.

Во Република Македонија управувањето со акцизите е регулирано со Законот за акцизите и Правилникот за спроведување на Законот за акцизите, според кои надлежни институции за наплата на акцизните давачки се Управата за јавни приходи и Царинската управа. Со оглед на важноста на акцизите за финансиската стабилност на државата, начинот на наплата и сличноста на наплатата и контролата на акцизите со царинските давачки, во сите земји членки на ЕУ, наплатата на акцизите на целата територија на државите го вршат царинските служби. Бидејќи акцизното работење е поврзано со царинското работење, за да можат акцизните службеници да бидат ефикасни во својата работа, тие мораат да имаат одлично познавање на царинското работење. Најмала преквалификација која би била потребна е царинските службеници да се ангажираат околу наплатата на акцизите и во внатрешниот промет (не само при увозот на стоки), бидејќи претходно имале одредени искуства, односно вршеле работи на наплата на акцизите при увозот, постапката на дополнителна проверка и контрола е многу слична со постапката на дополнителни проверки кај пресметката и наплатата на царинските давачки. Исто така, Царинските управи поседуваат модерна, софистицирана техника за откривање на шверцувани стоки (скенери, детектори за откривање на густина на материјали) и  служби кои можат заедно со контролите на стоките кои се увезуваат од царински аспект, да вршат и проверка од даночен и акцизен аспект.

Од Министерството за финансии беше побарано да достави до Комисијата податоци за бројот на вработени на кои со трансферот на надлежности ќе им се намалат обврските во Управата за јавни приходи и каде тие ќе бидат распределени. Тргнувајќи од тоа дека во Управата за јавни приходи постојат акцизни одделенија, екипирани со стручни лица кои се соодветно квалификувани, беше укажано дека ваквото пренесување на ингеренциите може да предизвика и дополнителни трошоци за преквалификација на вработените во Царинската управа, застој во работењето на субјектите со акцизни стоки и други нарушувања.

Комисијата констатира дека има потреба од донесување на предложениот закон. 

Комисијата со осум гласа „за“ и два „воздржани“ заклучи Министерството за финансии, до разгледувањето на Предлог законот во второ читање, до Комисијата да достави Акциски план за пренесување на надлежностите за управување со акцизите, од Управата за јавни приходи на Царинската управа.

Со осум гласа „за“ и два „воздржани“, Комисијата за финансирање и буџет заклучи дека Предлогот на закон за изменување и дополнување на законот за акцизите  е прифатлив и може да се даде на натамошно читање.

Click