Активности



Четврток, 26 ноември 2009 година, Стразбур

Европарламентот ја изгласа Предлог-резолуцијата за проширување на ЕУ 

Европскиот парламент со мнозинство гласови ја изгласа Предлог-резолуцијата за проширување на Европската унија со земјите од Западен Балкан, Исланд и Турција. Европратениците побараа од Советот на ЕУ на Самитот на 7 декември да ја потврди препораката на Европската комисија за почеток на пристапните преговори со Македонија за членство во Унијата.

Во Предлог-резолуцијата почетокот на преговорите не се условува со претходно решавање на спорот за името, но се охрабруваат Македонија и Грција што е можно поскоро да најдат заемно прифатливо решение. Како позитивен придонес за регионалната стабилност се оценува неодамнешното воспоставување дипломатски односи меѓу Македонија и Косово, како и склучувањето на договорот за физичка демаркација на границата. Се повикува македонската влада да продолжи со реформите во јавната администрација и судскиот систем, борбата со корупцијата, подобрување на правата на жените и меѓуетничките односи.

Во текот на вчерашната расправа во Европскиот парламент, на која имаше остри реплики во врска со името на Република Македонија, шефот на шведскaта дипломатија, г. Карл Билт и европскиот комесар за проширување, г. Оли Рен, побараа вратата за членство во Унијата да остане отворена.

Тие потенцираа дека Република Македонија направила голем напредок во приоритетните реформи, а решавањето на спорот со името би ѝ ги зголемило шансите за добивање датум за почеток на преговори.

„Не верувам дека сме ја завршиле изградбата на Европа, мораме да продолжиме да ја градиме и прошируваме. Тоа е од клучно значење и за земјите кои сакаат членство и за Европската унија“, изјави г. Билт.

Европскиот комесар за проширување ги повика европратениците да ги охрабрат нивните влади да донесат храбра одлука, која ќе биде во насока на стратешките интереси на ЕУ, во кои спаѓа и проширувањето.

Италијанскиот европратеник, г. Габриеле Албертини, кој ја изготви Предлог-резолуцијата, потсети дека земјите кои сакаат да се приклучат кон Унијата мора да бидат сериозни во своите напори и да ги почитуваат европските критериуми.

Click