Активности



Петок, 19 јуни 2009 година, Брисел

ЕУ и Ирска се договорија за гаранциите за Лисабонскиот договор

На вториот ден од Самитот во Брисел, Ирска и Европската унија успеаја да се договорат за гаранциите, коишто имаат за цел да ги убедат Ирците да го поддржат Лисабонскиот договор. Договорот предвидува ирските граѓани да ги добијат своите гаранции во правно-обврзувачки протокол, којшто земјите-членки на ЕУ ќе го ратификуваат.

„Гаранциите ќе бидат дадени како формална одлука на највисоките тела на ЕУ и ќе стапат на сила на датумот на стапување на сила на Лисабонскиот договор“, стои во нацртот.

Овој договор беше поддржан од Велика Британија, која беше најзагрижена во поглед на потребата од протокол. „Со оглед на тоа што содржината е потполно компатибилна со Договорот во ЕУ, оваа одлука не принудува повторна ратификација на Договорот од Лисабон”, се додава во нацртот.

Ирска беше единствената земја од Унијата што на референдумот минатата година го одби Лисабонскиот договор за реформи на институциите на Унијата. Ирците бараа гаранции од ЕУ дека се направени измени во деловите кои тие ги сметаа за спорни и загрозувачки по нивните национални интереси, како воена неутралност, слобода во даночните закони и стриктни закони за абортусот.

Се очекува официјален Даблин да свика нов референдум за Лисабонскиот договор на почетокот од октомври.

- Уверен сум дека веќе имаме солидна база одново да побараме ирскиот народ да го поддржи договорот, на кој начин Европа ќе може да продолжи напред. Очекувам дека ќе бидеме подготвени за референдум на почетокот од октомври, изјави премиерот на Ирска, г-дин Брајан Коуен.

Чешкиот премиер, г-дин Јан Фишер, соопшти дека дводневниот Самит на лидерите на 27-те земји членки на ЕУ во Брисел, заврши со успешно решавање на сите прашања на европскиот дневен ред.

„Решено е прашањето за новиот претседател на Европската комисија, дадени се гаранции на Ирска за Лисабонскиот договор, преземени се мерки за борба со климатското затоплување и воспоставени се механизми за новиот систем за антикризно финансиско регулирање на европските пазари“, изјави г-дин Јан Фишер.






Click