Активности



Понеделник, 6 јули 2009 година

Конференција на претседателите на парламентарните комисии за европски прашања на земјите-членки на ЕУ-КОСАК

Во рамките на работниот дел на Конференцијата на комисиите за европски прашања (КОСАК), што вчера и денеска (5 и 6 јули) се одржува во Стокхолм, Шведска, на која учествува претседателот на Комисијата за европски прашања на Собранието на Република Македонија, Петар Поп Арсов, беа претставени приоритетите и програмата за работа на актуелното шведско претседателство од страна на министерот за надворешни работи г. Карл Билд и министерката за европски прашања г-ѓа Сесилија Малстром.

Министерот Билд како главни приоритети со кои ќе се соочува шведското ЕУ претседателство пред сè ги спомна светската економска криза, ратификацијата на Лисабонскиот договор, актуелните  воени конфликти  во светот, климатските промени, при што го нагласи мотото на шведското престедателство „Да се соочиме со предизвиците“. Билд изрази надеж дека ратификацијата на Лисабонскиот договор мора да се заврши со цел да продолжи понатамошната интеграција на земјите кои сакаат да се приклучат во европското семејство, а европската приказна да има среќен крај.

Притоа се осврна и на понатамошното ЕУ проширување со земјите од Западен Балкан, како еден од приоритетите на шведското претседавање со Унијата, при што  истакна дека при решавањето на билатералните прашања, како што се прашањето со името на Македонија и граничниот спор на Хрватска со Словенија, мора да се употреби дипломатија. Билд укажа дека овие прашања треба да се решаваат билатерално и тоа не со емоции, туку со разум.

На крајот, министерот Билд истакна дека шведското ЕУ претседавање е исправено пред навистина комплексни проблеми и на прашањето дали ќе успее да се справи со сите предизвици, тој одговори дека ќе направат сè што е во нивна моќ да се подобрат состојбите во ЕУ, кои се навистина претешки и преобемни.

Во рамките на неформалниот дел на Конференцијата, претседателот на Комисијата, Поп Арсов, оствари бројни контакти со претседателите на Комисиите за европски прашања на Шпанија,Данска, Чешка, Италија, Турција, Словенија и Хрватска, на кои ги образложи македонските ставови за евроинтеграциските процеси. Исто така, тој размени мислења  во врска со актуелните случувања во светлото на најавените приоритети на шведското претседавање со Унијата.  




Click