Активности

Петок, 17 јули 2009 година

Европарламентот го осуди насилството во Иран, Кина и Хондурас

Покрај изборот на претседател и потпретседатели на Европскиот парламент, како и на Комисиите од истиот, на Конститутивната седница во Стразбур, европратениците заедно со претставници на Европската комисија и Советот, расправаа и за надворешни теми, како насилството по одржаните избори во Иран, етничките проблеми во Кина и државниот удар во Хондурас.

Во врска со ситуацијата во Иран, европратениците го осудија насилството над демонстрантите, спречувањето на слободно новинарство и бруталноста во тамошните затвори. Тие ги повикаа иранските власти да го запрат насилството и да започнат дијалог.

Белгискиот пратеник Анеми Нејтс-Ујтенбрек потенцира дека сите народи во светот, вклучувајќи ги и Иранците, имаат право да ги изберат своите лидери и да ги сменат кога сметаат дека има потреба од такво нешто.
  
На почетокот од овој месец, во Северозападна Кина изби етничко насилство меѓу мнозинското муслиманско население - Ујгури и Хан-Кинезите, кои се најголемата етничка група во Кина, како и масивна интервенција од страна на кинеските власти за контрола над ситуацијата.
 
Европратениците го осудија етничкото насилство и повикаа на заштита на малцинствата, но во исто време предупредијаа за опасност од сепаратизам.
 
По повод симнувањето од власт на претседателот на Хондурас, Мануел Зелаја, од страна на војската, францускиот европратеник Жан-Лук Меленшон изјави: „нашите пацифистички принципи не треба да остават впечаток дека ги затвораме очите пред еден преврат“. Шпанскиот пратеник Хосе Игнасио Салафранка, пак, ја повика Европската унија да испрати мисија набљудувачи за закажаните избори во ноември. 

Претседателот Мануел Зелаја беше протеран од земјата по обидот да го промени Уставот, со што ќе им даде можност на претседателите да се кандидираат и по истекот на четиригодишниот мандат.
Click