Активности



Петок, 24 јули 2009 година

Европската комисија предложи донација од 494 милиони евра за разурнатата Аквила

Европската комисија предложи да се донираат 494 милиони евра од Европскиот фонд за солидарност за помош на разурнатиот италијански град Аквила, кој на 6 април беше погоден од силен земјотрес. Помошта, која треба да биде одобрена од земјите-членки на Европската унија, е насочена кон обнова на инфраструктурата, живеалиштата, електричните мрежи и водоснабдувањето.

„Предлогот на Европската комисија ќе се поднесе до Советот на Европската унија и до Европскиот парламент и сметаме дека ќе биде одобрен уште на почетокот од есента“, изјави г. Денис Абот, портпарол на Комисијата.

Господин Абот повика и други европски фондови да се вклучат во акцијата, со цел да се надминат последиците од катастрофалниот земјотрес во градот во кој од 8 до 10 јули се одржуваше Г-8 Самитот.

Регионот Абруцо во Централна Италија беше погоден од земјотрес со интензитет од 6,3 степени според Рихтеровата скала, кој однесе речиси 300 жртви, меѓу кои и македонски државјани, а илјадници луѓе останаа без домови.

Според информациите, оваа сума од 494 милиони евра ќе биде досега највисоката донација од Европскиот фонд за солидарност.

Click