Активности



Понеделник, 29 јуни 2009 година

Европската перспектива за Балканот ја гарантира неговата стабилност

Делегацијата на Комисијата за надворешна политика на Собранието на Република Македонија, во чиј состав се пратениците Владо Бучковски, Павле Трајанов и Назиф Буши, која престојува во официјална посета на Романија, денеска 29 јуни 2009 г. оствари средби со својот домаќин претседателот на Комисијата за надворешна политика на Сенатот, Титус Корлацеан и со членовите на Комисијата, како и со претседателот Ласло Борбели и членовите на Комисијата за надворешна политика на Долниот дом на Романскиот парламент. Делегацијата беше примена од потпретседателот на Сенатот Александру Переш, а оствари средби и со државните секретари во Министерството за надворешни работи и во Министерството за одбрана на Романија.

На средбите на парламентарно ниво, беше изразено задоволството од подготвеноста за поинтензивна соработка на ниво на комисии за надворешна политика со надеж дека во иднина парламентарната соработка ќе бележи нагорен тренд. Во тој контекст, соговорниците ја нагласија улогата и значењето на парламентите во зајакнувањето и проширувањето на формите за соработка, не само во рамките на парламентарната димензија, туку и во севкупните билатерални односи меѓу двете пријателски држави. 

Во разговорите македонските пратеници ја потврдија непоколебливоста на македонската визија за европска перспектива, информирајќи притоа за состојбата во државата и размислувањата околу активностите во исполнувањето на критериумите на планот на приближување кон евроатлантските структури. Притоа, беа изнесени аргуметите во прилог на нашите достигнувања, резултатите од реализираните обврски, како и преостанатите обврски на овој план. 

На средбите стана збор и за прашањето околу употребата на нашето уставно име и билатералниот спор со нашиот јужен сосед за ова прашање, како и за подготвеноста на Република Македонија за конструктивно продолжување на разговорите со Грција под медијаторство на посредникот на ООН, Метју Нимиц.

Во однос на визниот режим, информираа дека сите предуслови за негова либерализација се остварени, што е констатирано и од Европската комисија, поради што и реална е надежта дека 2009 година ќе значи крај на визниот режим за македонските граѓани.

Во рамките на дискусијата околу состојбата во регионот беше коментирано прашањето за неговата безбедност, при што заеднички беше констатирано дека европската перспектива за Балканот ја гарантира неговата стабилност, но и стабилноста на Европа пошироко. Во тие рамки заеднички беше констатирано дека  активното учество во регионалните иницијативи придонесува во обезбедувањето на мир и безбедност на балканските простори.

Во разговорите беше подвлечена улогата на соработката во рамките на Франкофонијата, во која Македонија од 2006 година е полноправна членка, што претставува особено значајна алка во соработката со Романија на мултилатерен план.

Во Министерството за надворешни работи заеднички беше констатирано високото ниво на пријателство и соработка во области од заемен интерес, а беа разменети и мислења околу можностите за пренесување на искуставата од процесот на евроатлантската интеграција. Акцентот во разговорите во Министетрството за одбрана, меѓу другото, беше ставен на регионалниот пристап во борбата против тероризмот и трансатлантските безбедносни закани, а  се дискутираше и за натамошната соработка во рамките на НАТО активностите.

Од страна на домаќините беше изразено разбирање за македонските актуелни предизвици, подготвеност за унапредување на билатералните односи, а беше и потврдена поддршката и помошта во остварувањето на напорите кои што Македонија ги прави во насока на исполнување на последните од низата обврски и критериуми во процесот на интеграција во евро-атлантските структури, како и потребата од визна либерализација за македонските граѓани.

Во текот на утрешниот ден, 30 јуни 2009, предвидено е делегацијата да оствари средба со првите луѓе на Брашов, градоначалниот Јон Гончеа и претседателот на општинскиот Совет Аристотел Канцеску, на која се очекува да бидат разменети мислења за функционирањето на локалната самоуправа, процесот на децентрализацијата, нејзиното финансирање, како и можностите за соработка со локалните власти во Македонија.

Предвидена е и средба со претседателот на Асоцијацијата на Македонците во Романија, романскиот пратеник од македонско потекло Лиана Димитреску.

Click