Активности



Вторник, 23 јуни 2009 година

Европски конзервативци и реформатори - нова партија во Европскиот парламент

Во Европскиот парламент е создадена нова политичка група – Европски конзервативци и реформатори, која вклучува 55 пратеници од осум земји-членки на Европската унија: Велика Британија, Полска, Чешка, Белгија, Финска, Унгарија, Летонија и Холандија.

Оваа новоформирана фракција е составена од 26 пратеници од британската Конзервативна партија, 15 од партијата Право и правда од Полска, 9 чешки граѓански демократи и по еден пратеник од останатите земји.

Членовите на оваа политичка група признаваат дека се разликуваат по многу прашања, но се договориле да делуваат одвоено кога се националните интереси во прашање.

Со 55 пратеници, Европските конзервативци и реформатори сега се четврти по бројност во Европарламентот, но не е исклучена можноста нивниот број да се зголеми.

Според прописите, секоја партија мора да вклучува најмалку 25 члена на Парламентот од минимум седум земји-членки на Унијата.

Пред европските избори, пратениците во Европскиот парламент се поделија во седум политички групи: Европска народна партија (Демохристијани) и Европски демократи, Партија на европските социјалисти, Алијанса на либералите и демократите, Унија за Европа на нациите, Партија на зелените/Европска слободна алијанса, Конфедеративна група на Европската обединета левица/Нордиска зелена левица и Група Независност и демократија.

Click