Активности



Понеделник, 6 јули 2009 година

Учество на пратеникот Хисен Џемаили на 18. годишна сесија на ПС на ОБСЕ

Господинот Хисен Џемаили, член на Делегацијата на Собранието на Република Македонија во Парламентарното собрание на ОБСЕ (ПС на ОБСЕ), учествуваше на 18. годишна сесија на ПС на ОБСЕ, што се одржа од 29 јуни до 3 јули 2009 година во Парламентот на Литванија во Вилнус. Собранието усвои „Декларација од Вилнус“, што опфаќа препораки до Владите на земјите учеснички во ОБСЕ и содржи 28 резолуции, меѓу кои и резолуциите за зацврстувањето на ОБСЕ, набљудувањето на избори, безбедноста на храната во областа на ОБСЕ, светската економска криза и социјалните последици од истата, Иран, Авганистан, човековите права и граѓанските слободи, контролата на оружјето и разоружувањето во Европа, трудовата миграција во Централна Азија, безбедноста во полето на енергијата, климатските промени, водниот менаџмент, слободата за изразување на Интернет и аболицијата на смртната казна.

Резолуцијата за зацврстување на ОБСЕ повикува на поголема транспарентност во рамките на Организацијата, со цел да се зацврсти нејзиниот легитимитет и значење. Резолуцијата за набљудувањето на изборите го нагласува значењето на набљудувањето на избори од страна на ОБСЕ и ги повикува земјите учеснички целосно да ги имплементираат критериумите од Копенхаген за демократски избори.

На годишната сесија се обратија: г. Валдас Адамкус, претседател на Литванија, г. Арунас Валинкас, претседател на Парламентот на Литванија, г. Андриус Кубилиус, премиер на Литванија, г. Жоао Соареш, претседател на ПС на ОБСЕ, г. Вигаудас Усакас, министер за надворшни работи на Република Литванија, г-ѓа Дора Бакојани, министер за надворешни работи на Грција и претседавач со ОБСЕ, г. Роберт Волтер, претседател на Европското собрание за безбедност и одбрана/Собрание на ЗЕУ, г. Мануел Дос Сантос, потпретседател на Европскиот парламент и г. Марк Перин д Бришамбо, генерален секретар на ОБСЕ.

На годишната сесија претседателот, г. Жоао Соареш (Португалија), беше повторно избран за претседател на Собранието, со втор едногодишен мандат. Парламентарното собрание за потпретседател повторно го избра сенаторот Бен Кардин (САД), а избра и тројца нови потпретседатели: г. Петрос Ефтимиу (Грција), г. Жан-Шарл Гардето (Монако) и г-ѓа Изабел Позуело (Шпанија). Господинот Роберто Батели (Италија) беше избран за благајник на Собранието. Трите постојани комисии на ПС на ОБСЕ, исто така избраа нови функционери (претседатели, потпретседатели и известители на комисиите).

Click