Активности



 Понеделник, 26 октомври 2009 година, Истанбул

Парламентарците ја потпишаа Декларацијата за дијалог меѓу културите и религиите во Медитеранскиот регион

Во заедничка организација на Парламентарното собрание на Медитеранот и Парламентот на Република Турција, на 23 и 24 октомври 2009 година во Истанбул, Република Турција, се одржa Четвртата редовна годишна сесија на Парламентарното собрание на Медитеранот.

На оваа сесија од Собранието на Република Македонија учествуваa пратениците г. Сафет Незири, член на Делегацијата на Собранието на Република Македонија во Парламентарното собрание на Медитеранот и г. Ванчо Коцев, заменик-член на Делегацијата. 

На состанокот се дебатираше по предлозите на резолуциите подготвени според извештаите поднесени од трите постојани комитети на Парламентарното собрание на Медитеранот, а кои се однесуваат на: ситуацијата на Блискиот Исток, организираниот криминал, борбата против тероризмот, дијалогот на културите и религиите во Медитеранскиот регион, енергетските прашања во Медитеранскиот регион, екологијата и климатските промени, управувањето со водите, справувањето со природните катастрофи, малите и средни препријатија и за прашањата на рамноправноста на половите. Овие извештаи беа разгледани на претходниот заеднички состанок на трите постојани комитети на Парламентарното собрание на Медитеранот, што се одржа кон крајот на јуни о.г. во Лисабон, Португалската република.

Во текот на сесијата на парламентарците им се обратија еминентни политички личности: г. Реџеп Таип Ердоган, премиер на Република Турција, г. Мехмет Али Сахин, спикер на Големото национално собрание на Турција, г. Роберт Валтер, претседател на Собранието на ЗЕУ, г. Сима Бахус, заменик-генерален секретар на Лигата на арапски држави, г-ѓа Карен Абу Заид, генерален комесар на Агенцијата на ОН за помош за бегалци, г. Мехмет Чичек, потпретседател на ПС на Црноморската економска асоцијација, како и други личности.

Во текот на сесијата парламентарците ја потпишаа Декларацијата за дијалог меѓу културите и религиите во Медитеранскиот регион.

Делегацијата на Собранието на Република Македонија, во име на г. Трајко Вељаноски, претседател на Собранието на Република Македонија, ја предаде донацијата на уметнички предмет наменет за Палатата на Медитеранот (седиштето на Парламентарното собрание на Медитеранот во Ла Валета, Република Малта) на г. Серџо Пјаци, генерален секретар на Парламентарното собрание на Медитеранот, за што прими мошне срдечна и искрена благодарност. 


Click