Активности



Петок, 18 септември 2009 година

Втора сесија од Конференцијата на претседатели на парламенти посветена на соработката со НАТО

Претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски, учествувајќи во дискусијата, истакна дека Република Македонија многу сериозно ја разбира својата улога во зачувување на мирот како неделива категорија. Токму затоа се определивме и за членство во НАТО. Потсетувајќи на настаните во Букурешт на последниот Самит на НАТО кога Македонија не доби покана само заради апсурдниот спор со јужниот сосед околу нашето уставно име и кога Грција како полноправна членка ја искористи својата позиција во НАТО и ја блокира Република Македонија, претседателот на Собранието Трајко Вељаноски истакна дека ние и понатаму актвно учествуваме во повеќе мировни мисии на НАТО ЕУ или ОН. Така денеска имаме свои војници во Авганистан, Босна и Херцеговина, Либерија и така натаму.

Балканот не е веќе „буре барут“, но сè уште е фрагилен, затоа Република Македонија, иако не е членка на НАТО, продолжува со својата политика на добрососедски односи со сите држави во регионот и тоа на сите подрачја, бидејќи само така можеме да обезбедиме развој и стабилност на секоја држава посебно но и на регионот во целост, истакна претседателот на Собранието на Република Македонија, Трајко Вељаноски.

ОБРАЌАЊЕТО НА ПРЕТСЕДАТЕЛОТ ВЕЉАНОСКИ

Дами и господа,
Почитувани колеги,
Екселенции,
веќе во мојот претходен настап истакнав дека Република Македонија од своето осамостојување, како константа на своите стратешки цели ги постави евроатланските интеграции. Како што се потребни реформи за членство во Европската унија, така се потребни реформи и стандарди за членство во НАТО. Македонија, Хрватска и Албанија како дел од партнерството за мир, односно таканаречената Јадранска тројка, многу сериозно работеа на исполнувањето на сите критериуми и стандарди кои се потребни за членство во НАТО, и тоа не само во воената сфера, туку исто толку се потребни и во цивилната сфера. Минатата година на Самитот на НАТО во Букурешт, Хрватска и Албанија добија покана за членство. Република Македонија не доби покана само од една причина, а тоа е апсурдниот спор околу нашето уставно име наметнато од нашиот јужен сосед Грција, која ја искористи својата положба на полноправна членка на НАТО и најави вето ако Македонија добие покана. Како заврши Самитот на НАТО во Букурешт сите знаеме. Станува збор за преседан во историјата на Алијансата и груба злоупотрба на својата положба на полонопрвана членка, но во истовреме и еден билатерален спор да се подигне на ниво на една асоцијација како што е НАТО, што, исто така, е преседан кој се надевам нема да стане правило. 

Дами и господа,
Последниот Самит на НАТО,  иако го доживеавме со горчина, а истовремено и со задоволство дека нашите пријатели Албанија и Хрватска станаа полноправни членки, не нè разочара. Напротив, ние продолжуваме со нашето учество во мировните мисии на НАТО, во мировната мисија на ЕУ и во мисиите на ОН. Во истовреме продолжуваме со натамошната модернизација на Армијата на Република Македонија, односно надградување на сите оние стандарди на НАТО како во воената сфера, така и во цивилниот дел.
Само да потсетам, денеска во мисијата на НАТО во Авганистан (ИСАФ), Македонија учествува со 164 припадници на Армијата. Исто така учествуваме и во мисијата на ЕУ (Алтеа) во Босна и Херцеговина, потоа во мисијата УНИФИЛ во Либија, и така натаму. Односно, ако на почетокот на нашето осамостојување бевме консументи на мировни мисии, веќе неколку години Македонија е активен учесник во вакви мисии.

Почитувани пријатели,
Мирот е неделива категорија, и секоја држава, односно секој меѓународен субјект, мора да носи одговорност за мирот.  Оттука и нашата определба за членство во НАТО, бидејќи сме убедени дека Алијансата не само со своите воени потенцијали, туку јас би се осмелил да речам со стандардите за демократија, владеењето на правото, заштита на човековите права и правата на малцинствата, односно со високите стандарди во цивилната сфера, се гарант за светскиот мир. Притоа, ниту малку не ја потценувам улогата во зачувување на мирот и на другите држави или меѓународни институции и организации. Но, како што реков, наша определба е членство во НАТО.

Балканот не е веќе „буре барут", но сè уште е фрагилен регион.  Затоа ние со задоволство ја поздравивме одлуката на Самитот на НАТО, нашите пријатели Албанија и Хрватска да станат полноправни членки. За жал, нашиот јужен сосед на ова не сакаше да размислува и да го вреднува иако каква било нестабилност во регионот ќе има последици за сите кои живееме тука. Но, Република Македонија иако не е членка на НАТО продолжува со својата политика на добрососедски односи со сите држави во регионот и тоа на сите подрачја, бидејќи само така можеме да обезбедиме развој и стабилност на секоја држава посебно, но и на регионот во целост. Само како мала илустрација, во Македонија денеска се присутни многу фирми од соседна Грција, да ја споменам „Хеленик Петролеум“, „Титан“, но и многу други, кои работат многу успешно и се значаен економски субјект во македонската економија.  

Во тие рамки, Република Македонија ги продолжува преговорите со Грција за решавање на спорот со името, кои се водат под покровителство на ОН. Притоа сакам и на оваа наша средба да истакнам дека ние сме за компромис, но ниту оваа Влада, ниту која било друга, нема да прави компромис со нашиот национален идентитет. За ова имаме консензус со сите политички субјекти во Собранието на Македонија, како и од граѓаните. Затоа ние и понатаму остануваме на нашата определба за полноправно членство во НАТО и како што реков во рамките на нашите можности продолжуваме да даваме придонес во зачувувањето на светскиот мир и во борбата против меѓународниот тероризам, но и сите форми на организиран криминал кои на овој или на оној начин претставуваат опасност за стабилноста на регинот, па и пошироко. 

Ви благодарам

Click