Активности



Среда, 4 ноември 2009 година

Лисабонскиот договор потпишан и во Чешка

Чешкиот претседател Вацлав Клаус го потпиша Лисабонскиот договор, со што се комплетира ратификацијата во сите 27 земји-членки на Европската унија. Вчера, откако Уставниот суд на Чешката Република го одобри европскиот реформски договор, претседателот го потпиша истиот.

Потегот на чешкиот претседател го поздрави и првиот човек на Европскиот парламент, г. Јержи Бузек.

„Ова е голема вест, вест која ја чекавме долго време, со која завршува потпишувањето на ратификацијата на Лисабонскиот договор во сите 27 земји-членки. Договорот, кој  значително ги зголемува овластувањата на Европскиот парламент, може да стапи на сила пред крајот на годинава. Треба да развиеме политика на ЕУ за борба против климатските промени, невработеноста и да изградиме заедничка енергетска политика. Европскиот парламент, врз основа на Договорот од Лисабон, ќе ја исполни својата задача“, изјави г. Бузек.

Покрај претседатело на Европарламентот, ратификацијата на Лисабонскиот договор во Чешка, меѓу другите ја поздравија и претседателот на Европската комисија, г. Жозе Мануел Баросо и премиерот на Шведска, која претседава со Европската унија, г. Фредрик Рејнфелд.

Лисабонскиот договор, кој е потпишан од сите земји-членки на ЕУ на 13 декември 2007 година во Лисабон, има за цел да ја реформира Унијата и да ја подготви за идни проширувања, што посебно е во интерес на Република Македонија.

Со него се менува начинот на донесување одлуки во Советот на ЕУ, се зголемува улогата на Европскиот парламент во законодавниот процес, се намалува бројот на членови на Европската комисија од 27 на 18. Тој, исто така, претставува и Повелба за основните права на ЕУ и станува правно задолжителен.

Со Договорот се предвидува воведување на функцијата претседател на Европскиот совет, кој ќе има задача да обезбеди континуитет на работата на Советот и да промовира консензус меѓу сите членови. Претседателот има мандат од 2,5 години.

Надворешната политика на ЕУ, која ќе ја води високиот претставник за надворешна и безбедносна политика и која ќе се базира на принципите на Повелбата на Обединетите нации и меѓународните закони, ќе промовира мултилатерални решенија за заедничките проблеми, посебно оние во контекст на ОН.

Унијата ќе ги воспоставува сите видови на соработка со органите на Обединетите нации и специјализираните агенции и ќе ја дефинира позицијата на нејзините земји-членки кои членуваат во Советот за безбедност на Обединетите нации за прашањата за кои се расправа во ова тело.

Новина е и двојното мнозинство, кое формално ќе почне да се применува од 2014 година. Двојното мнозинство, подразбира поддршка од 55% од државите-членки, при што во нив треба да живеат најмалку 65% од популацијата на Унијата.

Click