Активности



Вторник, 1 декември 2009 година

Лисабонскиот договор стапува на сила 

Денес стапува на сила Лисабонскиот договор, кој на 3 ноември беше потпишан од чешкиот претседател Вацлав Клаус, со што се комплетираше ратификацијата во сите 27 земји-членки на Европската унија.

Се очекува новиот европски договор, кој беше ратификуван од сите земји-членки по долги несогласувања околу внатрешните реформи, да го подобри функционирањето на ЕУ.

Со стапување на сила на Лисабонскиот договор, ЕУ доби две нови функции – висок претставник за надворешна политика и претседател на Советот на ЕУ. За прв претседател на Советот на ЕУ е избран белгискиот премиер Херман ван Ромпуј, кој ќе стапи на должност на 1 јануари, додека на функцијата висок претставник на Европската унија за надворешна политика и безбедност беше избрана Британката Кетрин Ештон.

Во однос на Европската комисија од 2014 година, ќе има помалку членови, бројот на комесарите ќе се ограничи до две третини од оној на земјите-членки, а ќе се зголеми бројот на местата во Европскиот парламент од 736 на 751.

Новина е начинот на гласање кој треба Советот на ЕУ во наредните пет години да го воведе. Одлуките ќе се донесуваат врз принципот на двојно мнозинство, од 55 проценти од земјите членки, кои мораат да претставуваат најмалку 65 проценти од европското население.

Лисабонскиот договор има за цел да ја реформира Унијата и да ја подготви за идни проширувања, односно функционална Унија и со 30 и повеќе членки.

Стапувањето на Договорот на сила ќе биде одбележано во Лисабон со свечена церемонија и говор на ЕУ лидерите.


 

Click