Активности

Четврток, 17 септември 2009 година, Европски парламент

Македонија ги исполни условите за визна либерализација

Најголемиот број пратенички групи во Европскиот парламент го поддржаа предлогот за визна либерализација на Македонија, Србија и Црна Гора. Еврокомесарот за внатрешни работи, г.Жак Баро и шведскиот министер за европски прашања Сесилија Малмстром, пред европратениците во Стразбур соопштија дека овие три земји од Западен Балкан ги имаат сите изгледи од 1 јануари 2010 година да бидат вклучени во шенгенската зона на Европската унија.

„По анализите на Европската комисија, можеме да кажеме дека Македонија ги исполни сите барања за визна либерализација. Црна Гора и Србија направија значителен напредок, но Србија има уште многу работа, посебно околу документацијата на жителите од Косово, како и тие кои се по потекло од Косово и живеат надвор од државата. Друга точка е управувањето на границата со Косово, како и односите со ЕУЛЕКС. Црна Гора треба да најде решение за прашањето за иселените лица“, изјави г.Жак Баро.

Сесилија Малмстром, пак, потенцираше дека процесот на визната  либерализација ќе ги зацврсти односите на народите од овие земји со народите од Европската унија.

Влeзот во шенгенскиот простор, составен од 25 страни, е регулиран од заедничкиот визен режим на ЕУ. По зеленото светло од Советот, Комисијата во јули изнесе предлог за промена на постоечките прописи за виза за Западен Балкан. Комисијата изјави дека Македонија ги исполни сите услови кои се поставени во општиот регламент за виза во однос на сигурноста на документите, нелегалната имиграција, општествениот ред и сигурноста. Србија и Црна Гора исполниле повеќето од условите и се поблизу до целта од останатите. За Албанија и Босна и Херцеговина преговорите за либерализацијата на визниот режим ќе продолжат и Комисијата ќе ги зголеми напорите за да им помогне на тие земји.

Европарламентот веќе работи на извештајот - резолуција за визната либерализација, за која ќе се гласа на 24 ноември, а последниот збор ќе го има Европскиот совет.
Click