Активности



Понеделник, 6 јули 2009 година

Микрофинансирање за невработените во Европа

Европската унија предлага механизам за микрофинансирање со цел поттикнување на невработените да започнат сопствен бизнис. Предлогот е прецизиран во акциониот план за работа и со него ќе им се помогне на луѓето кои ја загубиле својата работа, со мали кредити да развијат свој бизнис или да го прошират постоечкиот.

Кредитите ќе бидат насочени за претпријатијата со помалку од 10 вработени, што опфаќа повеќе од 90% од сите фирми во ЕУ. Тие ќе имаат право на кредит до 25.000 евра.

„Сакаме да им дадеме на невработените можност за нов почеток преку полесен пристап до кредит за создавање или развивање нов бизнис. Исто така сакаме да им помогнеме на малите претпријатија да продолжат да се развиваат и покрај кризата“, изјави комесарот за вработување, г-дин Владимир Шпидла.

Околу 100 милиони евра од средствата на ЕУ ќе бидат пренасочени за оваа цел. Првобитниот буџет би можел да генерира повеќе од 500 милиони евра со помош на други финансиски институции, како на пример Европската инвестициона банка.

Младите луѓе кои сакаат да започнат мал бизнис, ќе можат да користат финансиска помош, менторство и обука за изработување на бизнис планови.

Доколку биде одобрено од лидерите и пратениците во ЕУ, микрофинансирањето може да стане достапно уште идната година.

Click