Активности



Четврток, 22 октомври 2009, Националент совет за евроинтеграции

Разгледан Извештајот на Европската комисија за напредокот на Република Македонија за 2009 година

Националниот совет за евроинтеграции на седницата одржана на 22 октомври 2009 година, го разгледа Извештајот на Европската комисија за напредокот на Република Македонија за 2009 година.

На седницата свое обраќање имаше г. Ерван Фуере, Специјален претставник на Европската унија и Шеф на Делегацијата на Европската комисија во Република Македонија, како и г. Ларс Петер Фреден, Амбасадор на Кралството Шведска во Република Македонија.

Во расправата со свои дискусии учествуваа г-ѓа Радмила Шекеринска, претседател на Националниот совет за евроинтеграции, г-ѓа Силвана Бонева потпретседател на  советот, г.Џеват Адеми,  г-ѓа Флора Кадриу, г. Петар Поп Арсов, г. Тито Петковски, г. Кенан Хасипи и г. Александар Спасеновски членови на Советот, г. Томе Колев претставник од  Католичката црква, г-ѓа Лидија Димова од Македонскиот центар за Европско образование, г-ѓа Љубица Нури претставник од Стопанската комора на Македонија, г. Скендер Бузаку претставник на Исламската верска заедница,  г. Роберт Поповски член на Советот и претставник на Здружението на новинарите на Македонија, и Александар Кржаловски претставник на Граѓанската платформа на Македонија.

Националниот совет за евроинтеграции расправајќи по Извештајот на Европската комисија за напредокот на Република Mакедонија за 2009 година, ги донесе следниве 

 З А К Л У Ч О Ц И

1. Националниот совет за евроинтеграции ја поздравува препораката на Европската комисија за почеток на преговори за членство на Република Македонија во Европската унија и истакнува дека пораките од Стратегијата за проширување и главите предизвици 2009-2010, даваат силен поттик на процесот на интеграција во Европската унија, за продолжување на политичките и економските реформи на Република Македонија како и на земјите од регионот.

2. Советот смета дека оценките и коментарите содржани во Извештајот се одраз на реалните состојби во Република Македонија за постигнатите резултати во 2009 година во процесот на нејзино интегрирање во Европската унија, за превземените одлуки, мерките кои се имплементирани и усвоените законски акти.

3. Советот се залага, надлежните субјекти, со сета сериозност и критичност да ги анализираат забелешките во Извештајот и да се обврзат за надминување на слабостите, особено за зајакнување на административниот капацитет за континуирано спроведување на реформите со цел превземање на обврските од претпристапните преговори. Во оваа насока, Советот предлага Владата на Република Македонија итно да изготви Акционен план за реализација на препораките содржани во Извештајот за напредокот на Република Македонија за 2009 година, со носители и рокови на реализација (до крајот на месец декември 2009 година).

4. Имајќи ја предвид стратешката и консезуална определба за пристапување кон Европската унија, Советот укажува на потребата од континуирана поддршка и соработка во процесот на интеграција, засилено мобилизирање и вклучување на целокупното општество, преку сите надлежни институции и субјекти во насока на преземање на одговорностите од претпристапните преговори. Советот препорачува итно формирање на преговарачки тимови и изготвување на предлог стратегија за преговори, во чие изготвување ќе се вклучи и Националниот совет за евроинтеграции.

5. Во периодот до одржување на седницата на Советот на ЕУ во декември 2009 година, Советот укажува на потребата од активно вклучување на целокупниот потенцијал на државата во добивање на датум за почеток на преговори, како и ефикасни подготовки за реализацијата на сите активности кои ќе следат по добивањето на датумот.

6. Се истакнува дека одржувањето на добрососедски односи, вклучувајќи и изнаоѓање заеднички прифатливо решение за името под закрила на Обединетите нации, останува клучно и суштинско прашање во следната фаза од евроинтегративниот процес. Во оваа насока, Националниот совет за евроинтеграции како тело кое што го претставува општиот консензус за членството во Европската унија, останува на располагање за консултации околу можното решение.

7. Советот ја нагласува потребата од одржување и интензивирање на регионалната соработка на Република Македонија, соработката со земјите членки на ЕУ што не поддржуваат на патот на нашето интегрирање, како и од унапредување на политичкиот дијалог со структурите на Унијата.

8. Советот истакнува дека во исполнувањето на поставените задачи, потребно е во континуитет, позитивно да се афирмира Република Македонија како идна членка на Европската унија.

9. Советот ќе продолжи и во иднина ангажирано и континурано да ја остварува улогата на форум кој што придонесува за унапредување и одржување на политичкиот дијалог и општествениот консензус во процесите на евроинтегрирање на Република Македонија.

10. Со заклучоците на Националниот совет за евроинтеграции по Извештајот на Европската комисија да бидат запознати Собранието на Република Македонија и Владата на Република Македонија.

11. Заклучоците на Советот да се објават на интернет страницата на Собранието на Република Македонија за да бидат достапни до пошироката јавност.

Click