Активности



Петок, 18 септември 2009 година

Осма седница на Националниот совет за евроинтеграции

Националниот совет за евроинтеграции, на седницата одржана на 17 септември 2009 година, ја разгледа Информацијата за Инструментот за претпристапна помош - ИПА, изготвена од Секретаријатот за европски прашања при Владата на Република Македонија. 

Претставникот од Секретаријатот за европски прашања, г.Драган Тилев, информираше за поставеноста на структурите и компонентите на Инструментот за претпристапна помош, за подготовката и имплементацијата на системот на децентрализирано управување со средствата од ИПА. Генерална карактеристика за Инструментот за претпристапна помош е што за Република Македонија, како земја кандидат, нуди многу повеќе финансиски средства од програмите кои беа претходно користени. Финансиската помош преку програмата ИПА изнесува околу 40 до 50 евра по глава на жител.

За придобивките од користењето на претпристапните инструменти на ЕУ говореа претставниците на Делегацијата на Европската комисија во Република Македонија, г.Лукас Мелка и г-ѓа Емануел Гујхенеуф. 

Во расправата со свои дискусии и коментари учествуваа претседателот на Националниот совет за евроинтеграции, г-ѓа Радмила Шекеринска, претставникот од кабинетот на претседателот на Република Македонија г.Димитар Мирчев, членот на Советот Кенан Хасипи, претставникот на Сојузот на стопански комори г.Мирче Чекреџи, извршниот директор на ЗЕЛС, г-ѓа Душица Перишиќ и директорот на Стопанската комора на северозападна Македонија, г. Блерим Златку.

 

Click