Активности



Среда, 8 јули 2009 година, Комисија за политички систем и односи меѓу заедниците

Прифатен Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за државни службеници

Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците, на седницата одржана на 6 јули 2009 година, како матично работно тело, го разгледа Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за државните службеници (прво читање).

Потребата од донесување на законот ја образложи претставникот на Владата, министерот за правда, г-дин Михајло Маневски. Целта на донесување на законот се однесува на обезбедување на целосна професионализација и деполитизација на државната служба, воведување на степен на вертикална кариера и зајакнување на улогата на агенцијата за државни службеници. Г-дин Маневски истакна дека донесувањето на законот за државните службеници е еден од столбовите на приоритетот број шест од мерките и активностите за реализација на главните приоритети за пристапување кон Европската унија. 

Воедно, беше истакнато дека измената на законот е изготвена врз основа на претходна анализа, а се однесува на опфатот на државните службеници, редефинирање на надлежностите на агенцијата за државни службеници, вработувањето, мобилноста на државните службеници и додаток на плата на кариера.

Во текот на расправата беше потенцирано дека со донесување на овој закон се јакне улогата на Агенцијата за државни службеници, дека новите измени на Законот за државни службеници се чекор напред кон постигнување на модерна, ефикасна и современа државна администрација.

Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците едногласно констатира дека Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за државните службеници е прифатлив и треба да се даде на натамошно читање.

Click