Активности



Четврток, 9 јули 2009 година, Комисија за земјоделство, шумарство и водостопанство

Разгледан Предлог-законот за изменување на Законот за пасишта

Комисијата за земјоделство, шумарство и водостопанство на Четиринаесеттата седница одржана на 3 јули 2009 година, како матично работно тело го разгледа Предлогот на закон за изменување на Законот за пасиштата (прво читање).

Образложение по поднесениот закон даде министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, г-дин  Ацо Спасеноски. Тој истакна дека со предложените измени се врши усогласување со Законот за земјоделско земјиште, каде што во членот 50 од овој закон е наведена постапката кога може да се пренамени земјоделско земјиште во неземјоделски цели. Тоа е можно во следните случаи: кога нема земјоделско земјиште од пониски бонитетни класи, а пренамената е во согласност со Просторниот план на Република Македонија и Програмата за изработка на урбанистички планови; кога со закон е утврден јавен интерес за изградба на објекти кои според посебни прописи се градат надвор од градежното подрачје; за изградба на објекти за примарна и финална обработка на земјоделски производи.

На Комисијата беше укажано дека е потребно да се обезбеди поголема заштита на пасиштата преку јакнење на земјоделската инспекција.

Се искажа поддршка на предложените измени, бидејќи со нив на локалната самоуправа ќе и се дадат одредени ингеренции за да може да ги користи бенефитите од пренамената на пасиштата во градежни парцели.

Комисијата констатира дека има потреба од донесување на предложениот закон и едногласно заклучи дека Предлогот на закон за изменување на Законот за пасиштата е прифатлив и може да се даде на натамошно читање.

Click