Активности

Вторник, 1 септември 2009 година, Комисија за економски прашања

Разгледан Предлог-законот за акредитација

Комисијата за економски прашања на Дваесет и четвртата седница, одржана на 31 август 2009 година, го разгледа Предлог-законот за акредитација (прво читање). Предлог-законот го образложи повереникот на предлагачот, г-дин Трпе Ристоски, директор на Институтот за акредитација на Република Македонија.

Според г-дин Ристоски, со предложениот закон се врши усогласување на законодавството на Република Македонија со европското законодавство, односно со Регулативата (ЕЗ) бр.765/2008 на Европскиот парламент и на Советот од 9 јули 2008 година, АСА Преговорите со Европската комисија - Поглавје 3.01 - слободно движење на стоките и Законот за установите.

Во дискусијата учествуваше пратеникот Марјанчо Николов, кој даде поддршка на донесувањето на овој Закон, при што побара објаснување од страна на повереникот на предлагачот во однос на составот на Советот на Институтот за акредитација каде е предвидена преширока формулација со која се бара членовите да имаат завршено високо образование, мандатот на директорот чие времетраење не е прецизирано и зошто не е предвидено во Советот на институтот да има повеќе преставници од Здружението на потрошувачите.

Во однос на предложеното решение со кое се бара членовите на Советот да имаат завршено високо образование без да се даде попрецизна дефиниција од кои области на високото образование, повереникот на предлагачот образложи дека тоа е од причина што во постапката на акредитација е потребно да се има експерти од сите области. Понатаму, предложеното решение за мандатот на директорот е во согласност со Законот за установите, а предвиденото едно место во Советот за претставникот од Организацијата на потрошувачите е доволно и дека треба да има претставници од другите учесници во постапката на акредитација.          

Комисијата за економски прашања, врз основа на расправата, едногласно заклучи дека Предлог-законот за акредитација е прифатлив и треба да се даде на натамошно читање.
Click