Активности



Вторник, 25 август 2009 година, Комисија за политички систем и односи меѓу заедниците

Разгледан Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за државни службеници

Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците на дваесет и третата седница, одржана на 24 август 2009 година, како матично работно тело го разгледа Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за државни службеници (прво читање).

Потребата од донесување на законот ја образложи претставникот на Владата, министерот за правда, г-дин Михајло Маневски. Тој истакна дека Законот за државни службеници кој првпат бил донесен во 2000 година и покажал добри резултати, во текот на применувањето претрпел одредени измени, сè со цел подобрување на одредбите од Законот. Во таа насока се и овие измени и дополнувања, кои се однесуваат на функциите кои треба да ги исполнуваат државните службеници за постигнување на ефикасна, професионална и одговорна државна администрација, ослободена од политички влијанија, со цел исполнување на условите за пристапување кон Европската унија.

Министерот за правда истакна дека основа за овие измени и дополнувања на Законот за државни службеници била извршената анализа на постојниот Закон, со која се направил преглед на состојба во државната администрација и се дефинирани клучните прашања во оваа област, како дефинирањето на поимот државен службеник, опфатот на државната администрација, редефинирање на надлежностите и улогата на Агенцијата за државни службеници, вработувањето на државните службеници во однос на времетраењето на постапката за вработување, мобилност и унапредувањето на државните службеници со воведување на интерен оглас и додатокот на плата со систем на кариера. Како новина во Предлогот на закон тој го посочи опфатот на државните службеници и интерниот оглас како начин на вработување на државниот службеник.

Во расправата учествуваа пратениците Владо Бучковски, Роза Топузова Каревска, Андреј Петров, Флора Кадриу, Рафиз Алити и Силвана Бонева.

Врз основа на расправата, Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците, со мнозинство гласови констатира дека Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за државни службеници за Собранието на Република Македонија е прифатлив и треба да се даде на натамошно читање.

 

 

 

Click