Активности



Понеделник, 7 септември 2009 година, Комисија за европски прашања

Разгледан Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за работни односи

Комисијата за европски прашања на седницата одржана на 3 септември 2009 година, го разгледа Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за работни односи. Повереникот на Владата на Република Македонија, г.Стојан Трајанов, државен советник во Министерството за труд и социјална политика, го образложи Предлог-законот од аспект на неговата усогласеност со правото на Европската унија и неговата потреба да се даде на натамошно читање.

Во расправата учествуваа пратениците Славица Грковска Лошкова и Миле Пачемски. 

Во врска со дискусиите на пратениците, по прашањето за зголемувањето на годишниот лимит на прекувремена работа, г.Трајанов рече дека останува истото решение кое што и досега беше во сила и појасни дека во тек е постапка на изменување и дополнување на Законот за здравство, каде попрецизно ќе биде регулирано ова прашање за  вработените во здравството, а ќе бидат донесени и соодветни подзаконски акти.
 
На прашањето во однос на одредбата за утврдувањето на составот на Комисијата за утврдување на репрезентативност, повереникот на Владата  истакна дека нема основ за различно толкување, затоа што со   предложеното решение не се навлегува во слободата на здружување на синдикати на работодавци, бидејќи тие самите се организираат и се регистрираат во Регистарот на синдикати и работодавци. Комисијата треба само да утврди   репрезентативност  врз основа на критериуми утврдени со закон. Комисијата не може ни да ги менува, ни да ги толкува овие критериуми. Во работата на Комисијата предвидено е учество на претставници на сите синдикати за да имаат увид при утврдувањето на репрезентативност, потоа  постапка по жалба и судска заштита. Комисијата само констатира дали критериумите, утврдени во законот, се исполнети или не. Поради тоа Комисијата претставува поширок механизам на заштита, како  надворешно тело. Составот на Комисијата  е одбран  врз основа на тоа што е потребно  еден дел од членовите  да биде од  редот на Министерството за труд и социјална политика, бидејќи таму е Регистерот на синдикатите и на работодавачите, еден дел од претставници од Министерството за економија, бидејќи тоа  е задолжено за интересите на работодавците за економијата, а еден дел од претставници на  Министерството за правда  од аспект на  покривањето со судската  заштита.

Комисијата со шест гласа „за” и еден „против” заклучи дека Предлогот на законот за изменување и дополнување на Законот за работни односи (прво читање) е прифатлив за понатамошно читање, од аспект на неговата усогласеност со правото на ЕУ.
           
 

 

Click